После 36 години – повторно откриен документот за патентот на „летечката машина“ на браќата Рајт

Во декември 1903 година, браќата Рајт влегоа во историјата кога го направија првиот лет со воздухоплов потежок од воздухот (дотогаш летањето било можно само со балон на топол воздух). Првиот лет бил изведен во Кити Хок, Северна Каролина, бил со должина од 36,5 метри и траел 12 секунди.

Шест години после овој историски настан, во мај 1906 година, браќата Рајт добиле патент за својата фамозна „летечка машина“, што е несомнено еден од најважните патенти во историјата. Но, и покрај неговата важност, овој документ се водеше како исчезнат 36 години. Сега е објавено дека документот повторно е пронајден.

Па како се случило институција која е задолжена за чување на некои од најважните документи од историјата на САД, да изгуби толку важен документ?

Според „LiveScience“, за прославата на 75-годишнината од првиот лет на браќата Рајт, Националниот архив му го позајмил документот на Националниот музеј за авијација и астронаутика при Институтот Смитсонијан.

Еден документ од 1980 покажува дека документот после изложбата бил вратен во архивот, но кога кураторите го побарале, не успеале да го најдат. Фактот дека документот не можел да се најде не е големо изненадување, со оглед на тоа дека архивот поседува 269 милиони документи, па потрагата по документот била слична како потрага по игла во стог од 269 милиони игли.

Добрата вест е дека сепак, после повеќе од три децении потрага, документот конечно е пронајден.

wright-brothers-missing-patent-found-01

Според „The Washington Post“, документот бил складиран на погрешно место, а го открила група куратори со помош на програма која служи единствено за откривање на украдени или изгубени документи.

Бидејќи долго време не бил достапен за јавност, документот ќе биде изложен во галеријата на Националниот архив во мај.

Поддржете ја нашата работа: