Американскиот астронаут Скот Кели и неговиот руски колега Михаил Корниенко, после 340 дена поминати на Меѓународната вселенска станица, конечно се вратија на Земјата.
Астронаутите безбедно слетаа југоисточно од Жесказган, Казахстан, со леталото „Soyuz TMA-18M“ на 2 март, во 10 часот и 26 минути претпладне по казахстанско време. Патувањето траело приближно 3,5 часа.
На нивното патување ги придружувал и Сергеј Волков, астронаут од Руската вселенска агенција „Роскосмос“, кој пристигнал на Меѓународната вселенска станица на 4 септември 2015 година.
Оваа едногодишна мисија на Меѓународната вселенска станица ќе и помогне на НАСА подобро да разбере како човечкото тело реагира и се адаптира на долг престој во вселената, како подготовка за мисиите на Марс со човечки екипаж кои се планираат за 2030 година.
Покрај тоа, Скот Кели заедно со неговиот брат близнак Марк Кели, се дел од паралелна студија која има за цел да ги спореди ефектите на телото и умот за време на подолг престој во вселената, во споредба со престој на Земјата.
За време на речиси едногодишниот престој, Кели и Корниенко орбитираа околу Земјата 5.440 пати. Иако им недостасуваат неколку недели за да исполнат цела година во вселената, сепак за американските астронаути ова е рекордно време на последователен престој во вселената. Рускиот астронаут Валери Полјаков го држи рекордот за најдолг последователен престој од 438 дена на руската вселенска станица во 1994 и 1995 година.
На следново видео може да го проследите предавањето на командата на орбитирачката лабораторија од Скот Кели на американскиот астронаут Тим Копра, што на некој начин прераснало во традиција на Меѓународната вселенска станица.