Роверот „Curiosity“ на НАСА кој врши истражувања на долниот дел од планината Шарп на Марс, испратил неколку прекрасни фотографии во боја, кои ни овозможуваат досега невиден увид во овие чудни карпести предели на Црвената планета.
Сликите се направени на 8-ми септември во областа „Murray Buttes“, на низинските делови од планината Шарп, што го формира централниот врв од огромниот кратер Гејл, на Марс.
Планината, која прв пат е откриена во 1970 година, претставува огромен рид од еродирани седиментни слоеви, кои се издигаат на височина од 5,5 км од подот. Уште е нејасно од каде дошле овие слоеви, но се проценува дека биле потребни околу 2 милијади години за планината да се формира.
Регионот „Murray Buttes“ е исполнет со формации како изолирани стрмни брда („butte“) и рамни гори („mesa“), кои всушност претставуваат карпести висорамнини кои се издигаат од планинските падини.
Овие формации се формирале како последица на атмосферските промени и ерозиите и се слични како ваквите формции кои се наоѓаат на Земјата. Како што пишува „National Geographic“, според географите, изолираните стрмни брда („butte“) се повисоки отколку што се широки, додека карпестите висорамнини („mesa“) се многу пошироки во основата и малку издигнати формации.
Овие формации што се издигаат од површината на регионот „Murray Buttes“ се смета дека се еродирани остатоци од древните песочни карпи на Марс, а овие слики од „Curiosity“ им овозможуваат на научниците извонеден поглед на нивните форми и слоеви.
„Curiosity“ го истражува овој регион на планината Шарп еден месец и откако ќе го комплетира последното дупчење на најјужното брдо, ќе премине со истражување на повисоките делови од планината.
Според НАСА, научниците планираат многу скоро да изработат голем мозаик од сите слики што се направени на оваа локација, но дотогаш уживајте во овие извонредни фотографии.