Се комерцијализира квантниот компјутер на IBM

Компанијата IBM соопшти дека својот квантен компјутерски систем, кој е неколку милиони пати побрз од денешните класични компјутери, ќе го направи комерцијално достапен.

Новиот оддел се нарекува IBM Q и е наменет за производство и продажба на квантни компјутери.

Досега квантните компјутери беа најавувани како супер-компјутери, но нивната практична употреба остана во сферата на фантазијата. Сепак, од IBM веруваат дека се многу блиску до реалната примена на ваквите компјутери, очекувајќи дека преку зголемување на бројот на корисници на овој систем, ќе почне да се развива и соодветен софтвер кој ќе биде подготвен кога машините ќе станат комерцијално достапни.

Меѓу идните примени на IBM Q ќе бидат решавање на проблеми кои се или преголеми, или прекомплексни за класичните компјутери. Најголем потенцијал се гледа во областа на хемијата – откривање на нови материјали и лекови, како и подобрување на вештачката интелигенција.

Истовремено од компанијата информираа дека го надградуваат постоечкиот систем, познат како IBM „Quantum Experience“, кој веќе се користи онлајн од научно-истражувачката заедница. Откако е достапен, од мај минатата година, до квантниот компјутер пристапиле повеќе од 40 илјади корисници, кои извршиле над 275 илјади експерименти.

Јавно достапниот систем засега е моќен колку стандарден лап-топ, но, според научниот истражувач од IBM Џери Чоу, претставува важен прв чекор.

„Се работи за развивање на еко-систем на корисници, развој на заедница која ќе расте и ќе го формира софтверот кој ќе го придвижува“, објаснува тој.

Досега, IBM демонстрираше системи кои користат квантни ефекти во мали демонстрации на нивната моќ.

Квантните компјутери се засновани на квантната механика и бизарното однесување на квантните битови, за пресметки кои се многу побрзи од било кој компјутер досега познат на луѓето.

Повеќето истражувачи се сложуваат дека теоретските машини се се уште далеку од нивно реално производство и покрај напредоците во функционални квантни компјутери.

Извор: Радио МОФ

Поддржете ја нашата работа: