Не е ретка и необична појава да се разбудиме уште поуморни наутро иако сме спиеле со часови. Исто така, се повеќе луѓе знаат да се пожалат дека им е тешко да заспијат навечер иако чувствувале силна потреба за сон.
Експертот за спиење Метју Вокер, во своето видео (кое можете да го погледнете подолу) ги опишува совршените услови за побрзо заспивање, а воедно и за вистински квалитетен сон.
Вокер, кој е професор по неврологија и психологија на Универзитетот Беркли во Калифорнија и автор на книгата „Зошто спиеме“, вели дека иако немаме секогаш можност да спиеме по 8 часа, најмалку што можеме да направиме е да ја задржиме регуларноста во спиењето.
Регуларното спиење подразбира легнување и станување во приближно исто време секоја ноќ, без разлика дали е работен ден или викенд.
Тој ја нагласува телесната потреба за темнина во вечерните часови за да се овозможи лачењето на хормонот мелатонин, кој помага во здравиот тек на нашиот сон. Вокер предлага да се намали половина од светлото во домот еден час пред спиење, а тоа значи да се одалечите од екраните, особено LED-екраните кои емитираат сина светлина што го стопира лачењето на мелатонин. Таа “сина светлина“ го мами мозокот да мисли дека надвор е ден иако е ноќ и сакате да спиете.
Друг важен надворешен фактор кој влијае врз квалитетот на спиењето и брзината на заспивање, според Вокер е температурата. Многумина од нас имаат спална соба која е потопла од оптималната температура која треба да е околу 18,5 степени Целзиусови. Причината е дека на мозокот и телото му е потребна пониска температура на јадрото за околу два до три степени за да започне добриот сон.
Алкохолот и кофеинот исто така се критични фактори. Постои заблуда дека алкохолот ни помага побрзо да заспиеме, но всушност алкохолот припаѓа на класата лекови кои ги нарекуваме “седативи“ и со консумирање на алкохол го принудуваме нашиот мозок да потоне во сон, а не на природен начин.
Кофеинот е познат по тоа дека може да не задржи будни, но само малкумина знаат дека после дозата кофеин во нашиот систем, спиењето не е толку длабоко во споредба со спиење без претходно консумирање на кофеински пијалак.
Последниот совет на Вокер гласи: „Немојте да останете будни во креветот.“
Тој објаснува дека во случај ако не успеете да заспиете 20тина минути или сте се разбудиле во текот на ноќта, па тешко ви е повторно да заспиете, немојте да останете во креветот. Станете и одете во друга просторија при слаба светлина и немојте да бидете во контакт со екрани или храна. Можете да читате книга.
Причината за тоа е што мозокот многу брзо почнува да ја учи поврзаноста меѓу креветот како место на кое сте будни, а не како вообичаено место на кое спиете.
Кога ќе почувствувате дека повторно можете лесно да заспиете, вратете се во креветот и така повторно мозокот ќе ја регистрира спалната соба како место за спиење.
Доколку не сте личност која лесно би ја напуштила топлината на својата постела во таква ситуација, друга алтернатива е медитацијата.
Медитацијата се покажала како успешна во клиничките испитувања да им помогне на луѓето само да го релаксираат телото, да ја смират борбената гранка на нервниот систем што може да се случи кога ќе се разбудиме во текот на ноќта. Тоа ќе ви помогне повторно да заспиете.
Во прилог погледнете го видеото:
Извор: hybread.mk