Истражувачите од Универзитетот во Вајоминг, ги испитувале ефектите на различни количини на сол во исхраната врз појавата на пубертетот кај стаорци. Тие забележале дека кај стаорците чија храна содржела високо ниво на сол (еквивалент на 3 до 4 пати повеќе од препорачаната дневна доза за луѓето), пубертетот се појавува со значително задоцнување во споредба со стаорците што се хранеле со нормално (ниско) ниво на сол. Интересно, но и стаорците кај кои солта била потполно исклучена од исхраната, покажале задоцнет пубертет.
Истражувачите заклучуваат дека внесот на солта е од неопходна важност за почетокот на пубертетот, но дека и едната и другата крајност може да имаат негативни ефекти врз репродуктивното здравје. Задоцнетиот пубертет може да предизвика проблеми во однесувањето, стрес и намалена плодност.
Иако досега се направени истражувања за влијанието на различни нивоа на масти во исхраната врз почетокот на пубертетот, истражувања за влијанието на солта не се спроведени. Ова истражување покажува дека високото ниво на масти и сол имаат спротивни ефекти врз репродуктивното здравје.
„Се сметаше дека исхраната богата со масти го забрзува почетокот на пубертетот, но нашето истражување покажува дека стаорците хранети со високо ниво на сол покажуваат задоцнет пубертет, дури и кога се хранат со храна богата со масти. Ова истражување за прв пат покажува дека количината на сол во исхраната има поголемо влијание врз репродуктивното здравје од количината на масти во исхраната“ – велат истражувачите.
И во извештајите од СЗО се нагласува дека населението во целиот свет конзумира многу повеќе сол од препорачаните 5 грама дневно за возрасни. Натриумот природно се наоѓа во разни видови храна, како млекото, кајмакот и јајцата. Но во многу поголеми количини се наоѓа во преработената храна, лебот, преработките од месо како што е сланината, брзата храна, како и разните додатоци – на пр. соја сосот, кои се сѐ поприсутни во исхраната во модерниот свет.
Зголеменото количество на сол во исхраната, може значително да влијае врз репродуктивното здравје на идните генерации и затоа е потребно да му се посвети дополнително внимание“- нагласуваат истражувачите.