Уран има една од најнеобичните магнетосфери во Сончевиот Систем. Планетата се врти речиси настрана, а нејзиното магнетно поле е наклонето и поместено во однос на нејзината оска. Ова создава необична интеракција со сончевиот ветер — постојаниот прилив на наелектризирани честички од Сонцето.
На границата каде што сончевиот ветер се судира со магнетното поле се создава ударен бран, познат како „bow shock“. Кај Земјата оваа граница е релативно стабилна, но кај Уран таа секојдневно ја менува големината и обликот, ширејќи се и собирајќи се како да „дише“.
Истражувачите предводени од Ксао Као користеле тродимензионален мултифлуиден магнетохидродинамички модел, дополнет со мерења од леталото „Војаџер 2“ при неговото прелетување покрај Уран во 1986 година. Симулациите биле направени за време на рамноденицата, период во 84-годишната орбита на планетата кога Сонцето се наоѓа директно над нејзиниот екватор и промените се најизразени.
Моделот покажал дека главниот двигател на ова секојдневно „дишење“ не се промените во сончевиот ветер, туку ротацијата на Уран и постојаното преуредување на геометријата на неговото магнетно поле. Резултатите, објавени во списанието AGU Advances, можат да помогнат при планирањето идни мисии до Уран и при проучувањето на слични ледени џинови околу други ѕвезди.
































