Вегетаријанците се поподложни на психички болести. Живеете ли навистина здрав живот?

Вегетаријанците се повеќе подложни на психолошки и физички болести отколку лицата чија исхрана вклучува месо, а двојно се посклони на депресија – вели новото истражување, спроведено од страна на британските научници од Универзитетот во Бристол, чии резултати се објавени во списанието Journal of Affective Disorders.

Истражувањето е спроведено на 10.000 испитаници, меѓу кои 350 вегетаријанци и вегани. Се покажало дека недостатокот на некои витамини и минерали во исхраната, кај вегетаријанците има негативно влијание на нивното ментално здравје.

Најчесто станува збор за недостаток од железо и витамин Б12. Околу 7% од вегетаријанците и 50% од веганите, патат од недостаток на тој витамин, а што лицето е вегетаријанец подолго време, толку поголем е ризикот.

Витаминот Б12, познат и како кобаламин е витамин растворлив во вода. Неопходен е за развивање и одржување на здрав нервен систем, создавање на ДНК и формирање на црвени крвни зрнца. Дефицитот на витамин Б12 може да доведе до состојба позната како мегалобластна анемија.

Лицата кај кои е евидентиран недостаток од овој витамин, често чувствуваат замор. Кобаламинот позитивно влијае на расположението, односно делува како заштита против депресија – потсетуваат научниците.

Претходните студии покажаа недостаток на витамин Б12 кај дури 30 отсто од луѓето кои се хоспитализирани поради депресија, а лекарите веруваат дека оваа бројка сега е поголема, со оглед на тоа што тестирањето на нивото на наведениот витамин во телото не е стандардна процедура за лекување на пациенти кои боледуваат од психички болести.

Една од главните улоги на витаминот Б12, е претворање на храната во енергија. Во поголема количина го има во храната од животинско потекло, а помалку во млекото и јајцата. Поради тоа на вегетаријанците и веганите им се препорачува земање на суплементи Б12, со цел подобра функција на мозокот и избегнување развој на анемија.

Истражувањето покажало и дека вегетаријанците и веганите конзумираат поголема количина на бразилски ореви, што научниците исто така го поврзуваат со можноста на појава од проблеми со менталното здравје. За разлика од омега-3 масните киселини, присутни во сардините и лососот, кои спречуваат воспалителни процеси, омега-6 масните киселини го прават токму спротивното.

Меѓусебниот однос помеѓу омега-3 и омега-6 масните киселини е доста чувствителен и бара взаемен баланс. Прекумерното внесување на омега-6, на пример преку житарици, маргарин и растителни масла, доведува до хронична инфламаторна состојба кај голем дел од населението во западните земји, што придонесува за појава на кардиоваскуларни болести.

 

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt