Во уништениот музеј на Бразил изгорел фосилот на “првата Бразилка”, стар 12 000 години

“Првата Бразилка” Лусија, фосил на жена, стар околу 12 000 години изгорел во целост во пожарот кој во неделата го зафати Националниот музеј во Рио де Женеиро.

“Лусија е непроценлива загуба за сите оние кои ги интересира историјата на цивилизацијата” – вели директорот на Националниот историски музеј Пауло Кнаус за АФП.

Лусија е првиот човечки фосил, откриен во Бразил во 1970 година во државата Минас Жераис при ископување кое го предводела францускиот антрополог Анет Ламин-Емперер.

Користејќи го черепот на Лусија како шаблон, научниците од Универзитетот во Манчестер го реконструирале нејзиното лице, а потоа е изработена биста која била изложена во музејот.

Во кобната недела, пожарникарите воделе битка со времето за да спасат што повеќе експонати, а од музејот соопштија дека нема повредени.

Музејот е основан во 1818 година, а во него се наоѓаат неколку клучни колекции, вклучувајќи ја египетската колекција, грчко-римските артефакти, палеонтолошката колекција во која се наоѓа и костур од диносаурус пронајден во регионот на Минас Гераис, како и најстариот човечки фосил, пронајден во Бразил. Музејот вкупно поседува повеќе од 20 милиони вредни предмети.

“Досега никогаш не сме добиле ништо од владата. Неодамна го завршивме договорот со државната банка за развој нс големата инвестиција, со цел конечно да ја обновиме палатата, а што е најиронично, планиравме да инвестираме во систем за заштита од пожари”, вели Луиз Дуарте, подпретседател на институцијата.

 

Поддржете ја нашата работа: