Оваа година, Велика Британија го очекува раѓањето на првото дете од тројца родители, а во прашање се дури два случаеви кои се одобрени од надлежните институции.
Велика Британија е првата земја која официјално ја одобрува употребата на митохондријалната заменска терапија со цел да се спречат наследни митохондријални нарушувања. Тимот на научници во Њукасл добил дозвола да ја спроведе постапката во 2016 година, а оттогаш властите одобриле уште два случаеви.
Со оглед на тоа што одобренијата биле дадени во 2017 година, процедурата можеби е веќе започната. Од центарот задолжен за спроведување на истата велат дека не се во можност да дадат повеќе информации бидејќи ја штитат приватноста на пациентите.
Постапката е слична на вештачко оплодување, но се користи генетски материјал од три лица.
Техниката е посебно наменета за жени кои имаат мутации во малите структури познати како митохондрии, со цел да се намалат наследните генетски нарушувања кај новороденчињата.
Човекот има повеќе од 20.000 гени, а со истата постапка, од трето лице се зема само 37 гени. Со овој метод, детето наследува само 0,1 процент на ДНК од донаторот.
Експертите предупредуваат дека овде не станува збор за клонирање или дизајнирање на деца, туку само за давање шанса на децата да живеат без сериозна наследна болест од која би умреле.