Научниците можеби на добар пат да предвидат ЗЕМЈОТРЕС! Електромагнетни бранови предзнак за тектонски удар?

Веќе некое време сеизмолозите се свесни за појавата на кратки, суптилни аномалии во подземните електрични полиња што се јавуваат во подрачјето на земјотресите. Понекогаш тие се регистрираат и неколку недели пред да се случи тектонскиот удар. Примамливо е да се помисли дека овие електромагнетни емисии би можело да се искористат за да се предвиди појава на земјотрес. Но, досега причината за ваквата појава не беше сосема јасна.

Ново истражување сугерира дека одговорот би можело да се бара во гасовите заглавени во таканаречените џебови на раседните линии, кадешто се акумулираат пред појава на земјотрес.

Ако во такви услови најслабиот ѕид пукне, притисокот во џебот ќе почне забрзано да се намалува, што доведува до ослободување на јаглерод диоксид или метан растворени во подземните слоеви. Како што се ослободуваат гасовите, тие се заситуваат со електрони ослободени од испуканите површини и движејќи се кон површината генерираат електрицитет.

„Резултатите ја поддржаа работната хипотеза, дека интеракцијата меѓу распукувањето на карпите и гасовите од длабочината на Земјата, во зоната на раседот, може да игра важна улога во генерирањето на пред и ко-сеизмички електромагнетни феномени“, пишуваат истражувачите во својот објавен труд.

Креирајќи лабораториски симулации слични на земјотрес, тие покажале дека наелектризираните струи на гас навистина можат да бидат поврзани со фрактурата на карпите.

Карпите, вклучително и гранитот, имаат мрежни дефекти кои со текот на времето фаќаат неспарени електрони од природното зрачење што се крева од под површината, а тоа доведува до создавање на поголема струја.

Студијата ги поддржува и претходните истражувања на истите научници во врска со сеизмо-електромагнетиката, покажувајќи дека јаглерод диоксидот ослободен од расед на земјата може да се електрифицира и да произведе магнетни полиња.

Другите хипотези за електромагнетните рафали вклучуваат идеја дека и самите карпи би можеле да станат полупроводници под доволно оптоварување и со доволно топлина, додека други експерти не сметаат дека овие чудни емисии воопшто може да се гледаат како предвесници на земјотресите.

Како и да е, сѐ додека со следење на ваквата невообичаена електромагнетна активност не се предвиди некој земјотрес, оваа теорија не може да се докаже. Но, ако идно истражување ја потврди, тоа би можело да даде насоки за развој на методи со кои би се спасиле илјадници животи.

Истражувањето е објавено во Земја, планети и вселена.

Поддржете ја нашата работа: