Анксиозноста кај младите се зголемува, потребна е доедукација на стручниот кадар во училиштата

pixabay

Анксиозноста и депресијата кај младите во државава се во пораст, а недостасуваат капацитети, наставен кадар и институционална волја за да се инвестира во едукацијата на стручните служби задолжени за справување со проблемите на тинејџерите. Суицидните мисли, дополнително, се еден од најалармантните проблеми за кој сѐ уште се чека на меѓусекторска соработка.

Во најновиот извештај на „Ало Бушавко“, што го изготвува Првата детска амбасада „Меѓаши“ и годинава се евидентирани голем број дојави од млади, кои пријавуваат различни проблеми, меѓу кои најчести се менталното здравје и нарушените семејни односи. Алармантно е тоа што за два месеца, десет деца се јавиле и кажале дека размислуваат за самоубиство.

Претседателот и основач на „Меѓаши“, Драги Змијанац, во изјава за МИА вели дека ова е загрижувачки индикатор и мора да се изготви протокол за тоа како да се реагира на овие случаи.

– Тоа нас многу нѐ загрижи, веднаш стапивме во контакт со Комората за психолози, да се подготвиме да направиме некаков протокол, прирачник, упатство, насока со што ќе им помогне на стручните служби и на воспитно образовниот кадар, каде што децата престојуваат 200 дена во годината, или од шест до осум часа дневно, да бидат подготвени како да реагираат во такви случаи, затоа што и нашите СОС оператори го имаат истиот проблем, појаснува Змијанац.

Тој потенцира дека треба да се креираат не само програми и стратегии, туку и да се едуцираат воспитно образовните кадри како да реагираат и како да ја спречат оваа појава. Според него, тоа досега не е преземено поради недостиг на капацитет, кадар, добра волја, фокус од страна на институциите и преокупација со други проблеми.

– Тоа укажува на тоа дека треба да се меѓусекторски поврзани и да соработуваат повеќе и со родителите и со стручните служби и со граѓанските организации што работат на оваа проблематика за да имаат подобар успех во превенција и спречување на најлошите дојави како што се суицидни мисли, повреда, врсничко насилство, додава Змијанац.

Сѐ уште нема протокол за постапување на стручните служби со млади кои се жалат на проблеми со менталното здравје

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во државава сѐ уште нема протокол за постапување на стручните служби со младите, кои се жалат на проблеми со менталното здравје, додека, овие проблеми, сè почесто се манифестираат во раната возраст.

– Како позитивен аспект може да се издвои програмата што ја користат установите за згрижување на деца од предучилишна возраст – градинките, во кои целиот згрижувачко-воспитен кадар во 2019 година има поминато обука за спроведување програма за социо-емоционален развој на деца – програма што сè уште се користи, се наведува во нивниот писмен одговор на прашањата на МИА.

Она што е предизвик, како што дополнуваат, е создавање капацитети за вклучување што повеќе деца во градинките, со оглед дека се вклучени околу 47 проценти од вкупниот број деца на возраст од три до шест години.

Од МТСП најавуваат дека заради обезбедување координирано постапување на институциите во заштитата на менталното здравје на децата и адолесцентите, во наредниот период е предвидена подготовка на посебен меѓусекторски протокол за поврзување на секторите – социјална заштита, образование, здравство, опфаќајќи должности и ранливи групи.

Поддржете ја нашата работа: