Антарктикот загрозен од неавтохтони видови кои пристигнуваат од север

pixabay

Антарктичките екосистеми се загрозени од доаѓањето на странски морски видови и морското загадување од земјата на јужната хемисфера, покажуваат новите океанографски модели.

Научниците претходно веруваа дека недомородните видови пристигнале на Антарктикот само од оддалечените и ненаселени острови во јужните океани.

Новото истражување, објавено денеска во списанието „Global Change Biology“, сугерира дека тие пристигнуваат од сите јужни континенти.

Коавторот на студијата, Крид Фрејзер, стравува дека ова потенцијално може да му нанесе „удар“ на морскиот екосистем на јужниот континент.

Ако го колонизираат Антарктикот, морските екосистеми таму би можеле драматично да се променат, предупредува тој.

Користејќи модели на океанска струја засновани на податоци од 1997 до 2015 година, научниците го следеа движењето на предметите и остатоците од голем број јужни копнени територии кон Антарктикот.

Излегува дека има постојано бомбардирање од сѐ што лебди, без разлика дали се алги или пластично шише, вели коавторот, Адел Морисон.

Повеќето од предметите пристигнуваат во најтоплиот дел на Антарктикот, поради што организмите кои пристигнуваат на нив лесно се прилагодуваат на новата средина.

Драматичното исчезнување на мразот на тој континент дополнително ја олесни нивната „миграција“ од копното.

Морскиот мраз е многу абразивен и на тој начин делува како бариера за многу неавтохтони видови успешно да се воспостават околу Антарктикот, вели водечкиот автор, Хана Досон.

Ако продолжи неодамнешното намалување на морскиот мраз на Антарктикот, живите суштества кои лебдат на површината или се прикачени на пловечки објекти полесно би можеле да го колонизираат континентот, што би можело да има големо влијание врз екосистемите, предупредуваат авторите на студијата.

Поддржете ја нашата работа: