(ВИДЕО) Бродови „духови“ се појавија на плажа на Иво Џима

Дури 24 брода, потопени за време на битката кај Иво Џима, во која Американците и Јапонците се судрија во последните месеци од Втората светска војна, испливаа од морското дно до брегот на тој јапонски остров.

Причина за вакавата ненадејна појава е движењето на морската почва поради активноста на вулканот – планина Сурибачи, пишува „Дејли мејл“.

На снимката објавена од јапонската телевизиска мрежа „АНН“ се гледаат остатоците од 24 транспортни бродови кои биле запленети од Американците, а потоа преместени во западниот дел на островот за да послужат како основа за формирање на пристаниште кое не постоело на островот во тоа време.

Овие јапонски бродови служеле како еден вид одбрана од бранови и ветер за американските бродови од кои се симнувало војска, оружје и опрема.

Неколку децении подоцна, сеизмичката активност на вулканот Сурибачи, кој се смета за еден од најактивните во Јапонија, го подигна морското дно, а со тоа и бродовите.

Денес нема жители на островот, но има јапонски сили кои дошле таму откако Американците го вратиле островот на Токио во 1968 година.

„Се чини дека вулканската активност сè уште не е завршена, постои можност за голема ерупција на Иво Џима“, изјавил за АНН Сецуја Накада, директор на Државниот центар за вулкански истражувања.

Инаку, на Иво Џима досега се забележани најмалку 10 ерупции, а последната се случи во 1982 година. Според истражувањето на Универзитетот во Орегон, самиот остров се зголемил за најмалку 10 метри од 1952 година поради вулканската активност.

Поддржете ја нашата работа: