Астмата погодува стотици милиони луѓе ширум светот, но експериментална вакцина нуди нова надеж за успешно лекување на оваа хронична белодробна болест, поврзана со стотици илјади смртни случаи секоја година.
Досега прототипната вакцина беше тестирана само кај животни, но истражувачите имаат намера да спроведат клиничко испитување и кај луѓето, со надеж дека пристапот може да обезбеди ефективен и долгорочен начин за заштита од астматичните напади.
„Идејата е во иднина да се постави превентивен пристап за популации изложени на ризик од развој на тешка форма на астма“, вели Лоран Гилемино од Институтот за инфективни болести во Тулуз, Франција.
Претходните истражувања покажаа дека еден вид моноклонално антитело што се користи во третманот на егземата, е ефикасно и во ублажување на симптомите и подобрување на функцијата на белите дробови во случаи на тешка астма.
Се смета дека тоа се должи на начинот на кој тоа антитело, наречено – „дупилумаб“, ја блокира сигнализацијата од интерлеукин-4 (IL-4) и интерлеукин-13 (IL-13) – цитокински молекули кои играат улога во имунолошкиот одговор, но кои исто така се среќаваат и во дишните патишта.
Во случаи на алергиска астма, изложеноста на грини, прав, полен и други алергени може да произведе големи количини на овие цитокини, предизвикувајќи воспаление на дишните патишта и отежнато дишење.
Иако третманите со „дупилумаб“ и други моноклонални антитела (mAb) можат да ги ублажат овие симптоми, тие се мошне скапи. Вакцината што ги постигнува истите цели обезбедува поевтин терапевтски ефекти на долг рок.
„Конјугираните вакцини наречени киноиди можат да предизвикаат ендогени, долготрајни реакции на неутрализирање на антитела против даден цитокин и можат да бидат поволна алтернатива на тераписката администрација на mAb“, пишуваат истражувачите.
„Ние претпоставивме дека двојната вакцинација против IL-4 и IL-13 ќе биде особено моќна во намалувањето на сериозноста на хронична астма“, се додава во нивниот извештај.
Во тестовите со глувци, кај над 90 проценти од животните на кои им бил даден прототип на вакцината, биле откриени антитела способни да ги неутрализираат IL-4 и IL-13 на шест недели по инјектирањето, со заштита што трае до една година.
„Овие податоци покажуваат дека ефикасно долгорочно неутрализирање и на IL-4 и на IL-13 може да се постигне преку вакцинација со киноиди“, известуваат истражувачите.
Кај генетски инженерните глувци одгледани да генерираат човечка верзија на цитокини IL-4 и IL-13, вакцината исто така покажала позитивни резултати, односно неутрализирање на цитокините и намалување на нивото на IgE, најмалку 11 недели по вакцинацијата.
Засега, истражувачите велат дека тоа е „доказ за концептот“ и оти долгорочна неутрализација на IL-4 и IL-13 може да се постигне со прототипот на вакцината.
Сепак, најитниот следен чекор е да се тестира и кај луѓето.
За таа цел, во моментов се организира клиничко испитување од компаниите „Гилемино“ и „Неовакс“, а пациентите во Тулуз и Стразбур се очекува да ги добијат првите дози во следните две години.
Наодите се пријавени во списанието „Nature“.