Зошто трошиме повеќе отколку што заработуваме?

Едноставно – затоа што не не научиле како треба. Згора на се, секојдневно ни даваат примери како не треба. Единствено место каде што по нешто дознаваме за финансиите се рекламите на банките или продавниците кои заедно со своите производи нудат и услуга за одложени плаќања, безкаматен кредит и слично.
Непотребно е да се нагласи дека тие реклами немаат за цел да не едуцираат, туку само нешто да ни продадат, односно да земат дел од нашите пари.

Личните финансии и (не) културата за штедење и потрошувачка се нешто кое најдиректно влијае на стопанството на една држава. И покрај толку важниот удел се уште никој се нема досетено на децата, учениците или пак, на студентите да им објасни како во иднина треба да управуваат со своите финансии.

Така, со запоставеноста на финансиската едукација, добиваме гневни неуки граѓани со истрошен дозволен минус, со презадолжена картичка и со по некој кредит. „Нормална“ состојба кај најголемиот дел од нашите сограѓани.

Кога и да потрошиме пари однапред, со задолжување, а не обратно, со заштеда, ние потклекнуваме пред психологијата на рекламите кои ни велат „купи-потроши“, во очекување на нашата импулсивна одлука за шопинг. Слаткото задоволство ќе го снема за неколку денови, а потоа следните месеци ќе чувствуваме само горчлив вкус кога и да го погледнеме салдото на нашата сметка. Премногу се насобрало, па речиси сета плата се распоредува за отплата на нашата еуфорија.

Животот со потрошувачката – од напред, се повеќе зема замав, а цената, секако ја плаќаат граѓаните кои никогаш не воделе сметка за своите финансии, туку дозволиле тоа да го прави некој друг наместо самите.

Ако разгледаме подобро што прават банките ќе може да заклучиме дека тие ни продаваат финансиска одговорност, бидејќи ако со домаќинско штедење не успеваме да одвоиме за заштеда, кога ќе ставиме потпис за кредит, како за чудо, сите успеваме да одвоиме за отплата на ратите.

Некој би рекол дека проблемот е во малата заработувачка и големите трошоци за живот, но тоа едноставно не е така. Оној што не умее ефикасно да ги распореди своите приходи ќе стане лесен плен на вештите манипулатори со нашата ненаситност.

Во прилог на тоа е статистиката која покажува дека пензионерите, граѓани со најмали приходи, се најмалку задолжени и најдисциплинирани во плаќање на месечните сметки за комунални трошоци.

Нив ги образувало едно друго време, па сега се далеку поотпорни на повиците од рекламите.

Во финансиите постојат само две страни: приходи и расходи и само две состојби: ќар или зијан. Ако мислите дека сте на нула, се лажете, дури и тогаш сте во загуба бидејќи животот носи многу повеќе непредвидливи расходи отколку што може да ви се случи непредвидлива добивка.

А, кога не сме во состојба да управуваме со приходите, тогаш би требало да менаџираме со расходите. Тие не може да се елиминираат по секоја цена, тоа е невозможно. Но, кога успешно ќе одвоиме што е желба, а што потреба, ќе можеме да се спротивставиме на психологијата на рекламите и на потрошувачката – од напред, односно задолжувањето.

Секако дека тоа воопшто не е едноставно, но барем од некаде треба да се почне.

Поддржете ја нашата работа: