Додека жителите на древниот блискоисточен град, сега наречен Тал ел-Хамам, пред околу 3.600 години биле зафатени со секојдневите обврски, воопшто не ни насетувале дека ледена вселенска карпа се движи кон нив со брзина од 61.000 километри на час.
Пробивајќи се низ атмосферата, карпата експлодирала во огромна огнена топка на околу 4 километри над земјата. Експлозијата била околу 1.000 пати посилна од атомската бомба во Хирошима. Шокираните жители на градот кои стаписано погледнале во неа, останале заслепени. Температурата на воздухот брзо се искачила над 2.000 степени целзиусови. Облеката и дрвото веднаш пламнале, а мечевите, копјата и тулите почнале да се топат. Речиси веднаш, целиот град бил во пламен.
Неколку секунди подоцна, моќно торнадо, со брзина од 1.200 километри на час го погодил градот. Тоа било посилно од најлошото торнадо за кое постојат пишани податоци. Смртоносните ветрови ја уривле секоја градба што ќе им се испречела на патот. Ниту еден од 8.000 луѓе или животни во градот не преживеал – нивните тела и коски биле распарчени.
Околу една минута подоцна, 22 километри западно од Тал ел-Хамам, ветровите од експлозијата го погодиле и библискиот град Ерихон. Неговите sидови се разурнале и градот изгорел до темел.
Никој не е точно сигурен што се случило, но сите се согласни дека тоа не можело да го предизвика вулкан, земјотрес или војна. Ниту едно од нив не е способно да топи метал, тули и керамика.
За да сфатат што се случило група истражувачи употребила онлајн пресметувач на влијание на удари, со кој да моделирале разни сценарија согласно собраните докази. Калкулаторот им овозможил да проценат многу детали врз основа на споредба со ефекти од разни удари и нуклеарни детонации.
Се чини дека виновникот во Тал ел-Хамам бил астероид, сличен на оној што оборил 80 милиони дрвја во Тунгузија, Русија во 1908 година. Многу помала верзија на џиновската карпа широка неколку километри што придонесла за исчезнување на диносаурусите пред 65 милиони години.
Го имаме најверојатниот виновник. Сега ни треба доказ за она што се случи тој ден во Тал ел-Хамам, изјавиле истражувачите.
„Дијаманти“ во правта
Дополнителните истражување откриле извонредно широк спектар на докази. На местото, имало ситно искршени песочни зрна, наречени „шокиран кварц“, кои се формираат само под притисок од 5 гига-паскали по квадратен инч. Тоа е тежина на шест воени тенкови Абрамс од 68 тони, наредени на вашиот палец!
Слојот од остатоците содржи и мали дијамоноиди кои, како што покажува името, се честички тврди како дијаманти. Секоја од нив е помала од вирусот на грип. Се чини дека дрвото и растенијата во областа веднаш се претвориле во овој материјал сличен на дијаманти поради високите притисоци и температури од огнената топка.
Експериментите со лабораториски печки покажале дека керамичките садови и тули од кал во Тал ел-Хамам се топат на температури над 1.500 степени Целзиусови. Тоа е доволно температура за да се стопи цел автомобил за неколку минути.
Испитуваниот слој од тлото, исто така, содржи мали топчиња од стопен материјал помали од честичките прашина во воздухот. Наречени сферули, тие се изградени од испарено железо и песок што се стопиле на околу 1.600 степени Целзиусови.
Покрај тоа, површините на керамиката и стопеното стакло се попрскани со мали растопени метални зрна, меѓу кои и иридиум со точка на топење од 2.466 степени, платина што се топи на 1.768 C и циркониум силикат на 1.540 степени целзиусови.
Заедно, сите овие докази покажуваат дека температурите во градот пораснале повисоко од оние на вулканите, војните и обичните градски пожари. Единствениот природен процес што останува е космичкото влијание.
Истите докази се наоѓаат на познати места на слични удари, како што се Тунгуска, но и кратерот Чиксулуб, создаден од астероидот што предизвикал истребување на диносаурусите.
Една преостаната загатка е зошто градот и над 100 други населени места останале напуштени неколку векови по ова уништување. Можеби високото ниво на сол депонирано за време на катастрофата го оневозможило одгледувањето култури. Истражувачите сѐ уште не се сигурни, но сметаат дека експлозијата преку зголеменото испарување донесла токсични нивоа на солена вода од Мртвото Море во долината. Во такви услови посевите не виреат, а за да стане земјиштето плодно потребни се 600 години, сѐ додека минималните врнежи во ова поднебје не ја исфрлиле солта од полињата.
Имало ли преживеан очевидец на експлозијата?
Усмените преданија може да го опишуваат уништувањето на градот со генерации, сѐ додека не биле запишани како приказна за библискиот Содом. Библијата го опишува уништувањето на урбаниот центар во близина на Мртвото Море – камења и оган паднаа од небото, повеќе од еден град беа уништени, густ чад се крена од пожарите, а жителите на градот беа убиени.
Дали ова може да биде древна изјава на очевидци? Ако е така, уништувањето на Тал ел-Хамам може да биде второто најстаро уништување на човечка населба од настан на космичко влијание, по селото Абу Хуеира во Сирија пред околу 12,800 години. Важно е дека тоа може да биде првиот пишан запис за таков катастрофален настан.
Страшното е што веројатно тоа нема да биде последен пат кога некој град ќе ја дочека оваа судбина.
Воздушните удари со големина на Тунгуска, како оној што се случил во Тал ел-Хамам, можат да опустошат цели градови и региони и претставуваат сериозна опасност. До денес, септември 2021 година, докажано е постоење на повеќе од 26.000 астероиди во близина на нашата планета. Милиони други остануваат неоткриени, а некој можеби веќе е упатен кон нас.
Доколку телескопите во орбитата или од копното не ги откријат на време овие потенцијално непријателски објекти, светот можеби нема да има време за предупредување, исто како и луѓето од Тал ел-Хамам.