Истражување: Топлата зима во Европа ги пресуши реките, езерата и каналите

pixabay

Зимскиот топлотен бран, рекордно ниските врнежи од дожд и запрепастувачкиот недостаток на снег во Европа ги доведоа реките, каналите и езерата низ континентот на алармантно ниски нивоа, а експертите предупредуваат дека може да се повторат големите суши од минатата година.

Сликите на исушените речни корита и езера обично се поврзуваат со жешкото лето – не со зимата. Но, исклучително топлиот и сув почеток на годината влијае на дел од Европа, вклучително централна и југозападна Франција, северна Шпанија и северна Италија.

Постои загриженост што може да значи тоа за снабдувањето со вода.

Состојбата со водата во Европа стана „многу несигурна“, според студијата објавена во јануари од истражувачите од Технолошкиот универзитет во Грац во Австрија, која користела сателитски податоци за да ги анализира светските ресурси на подземни водни.

„Пред неколку години, никогаш не би замислил дека водата ќе биде проблем овде во Европа“, вели Торстен Мајер-Гур, еден од истражувачите. „Всушност имаме проблеми со водоснабдувањето – мораме да размислиме за ова“.

Рекордно суво време во Франција

Франција, која го доживува најсушниот период во последните повеќе од 60 години, наскоро може да воведе рестрикции за водата.

Земјата „претрпе серија од 32 последователни дена без врнежи од 21 јануари до 21 февруари“, изјави Симон Мителбергер, климатолог во Метео-Франс, за Си-Ен-Ен, што е најдолг период откако се води евиденција од 1959 година.

Тоа има штетно влијание врз реките и езерата, како и врз почвата.

„Почвата е многу посува од вообичаено“, вели Мителелбергер. Сегашното ниво на влажност на почвата во Франција вообичаено не би се видело до средината на април.
Снежните врнежи исто така се ниски. „Ситуацијата на Пиринеите е блиску до најнискиот рекорд на количество снег за тој период од годината“, рече Мителбергер. Според CIMA Research Foundation, на Алпите има 63% помалку снег од вообичаено.

Недостатокот на снег во зима може да ги загрози резервите на вода во пролет и лето, бидејќи има помалку топење на снегот за одржување на реките.

Минатото лето, Франција ја претрпе најголемата суша досега, но, предупредува Мителбергер, оваа година „ситуацијата може да биде уште полоша доколку нема значителни врнежи во следните неколку месеци“.

Кристоф Бешу, министер за еколошка транзиција, ја нарече зимската суша „невидена“ и предупреди дека земјата е во состојба на готовност.

Исушени езера и канали 

Во Италија, некои од најпознатите водни површини во земјата пресушуваат.

Нивото на водата во езерото Гарда е толку ниско што сега е возможно да се пешачи до островот во средината на езерското корито. Пред неколку месеци оваа патека не постоеше.

Сега е исто така многу потешко да се земе водено такси во Венеција, бидејќи некои од нејзините канали станаа премногу плитки за да можат да пловат гондолите, делумно поради недостигот на врнежи.

Градот кој долго време се плашеше од поплави сега се бори со спротивниот проблем.
Најдолгата река во Италија, По, која тече низ нејзиното северно земјоделско срце, има 61% помалку вода од вообичаеното за овој период од годината.

Минатото лето, италијанската влада прогласи вонредна состојба во областа околу По, која ја доживеа најголемата суша во последните 70 години.

Џорџо Зампети, генерален директор на Легамбиенте, италијанска еколошка групација, стравува дека најлошото допрва доаѓа: „2023 штотуку започна, но покажува загрижувачки знаци во однос на екстремните временски настани [и] нивоата на суша“, рече тој во изјава за медиумите.

Стравувања за снабдувањето со вода

Во Шпанија, која во 2022 ја доживеа најтоплата година досега, постои загриженост за снабдувањето со вода.

„Не можеме да гарантираме снабдување со вода за пиење или за економска употреба, потпирајќи се исклучиво на дождот“, рече неодамна на прес-конференција Тереза Рибера, министерка за еколошка транзиција.
Земјата ги одобри плановите за инвестирање околу 24 милијарди американски долари во управувањето со водите, вклучувајќи мерки за подобрување на санитарните услови и третман и модернизирање на наводнувањето.

Од 1980 година просечната достапна вода е намалена за 12%, со проекции дека може да има дополнително намалување до 40% до 2050 година.

Сувото време во Шпанија, исто така, го загрозува ценетиот „jamón ibérico bellota“, бидејќи ниските врнежи и зголемените температури влијаат на желадите што ги јадат свињите.

Следните недели ќе бидат клучни

Додека Европа и претходно беше погодена од летните суши, експертите стравуваат дека исклучително сувите последни два месеца може да сигнализираат нова реалност, делумно предизвикана од зголемувањето на просечните глобални температури.

„Овие услови беа ретки во минатото, но климатските промени ги менуваат режимите на врнежи во Европа и ги прават овие екстреми повторливи и поинтензивни“, изјави за Си-Ен-Ен Андреа Торети, климатолог во Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

„Постои зголемена загриженост поради недостатокот на врнежи во последните недели, како и поради сушата во 2022 година. Следните недели ќе бидат клучни“, смета Торети.

Припишувањето на зимската суша на климатските промени ќе бара специфична анализа која сè уште не е спроведена, но Торети вели дека таквите настани „се очекуван ефект од климатските промени во смисла на почести и поинтензивни екстреми“.

Извор: CNN

Поддржете ја нашата работа: