Луѓето би можеле да произведуваат отров како змиите

Дали луѓето еден ден би можеле да станат отровни во буквална смисла на зборот? Иако е малку веројатно дека нашиот сосед наскоро ќе стане опасен како змија ѕвечарка, најновото истражување покажува дека човечкото тело ги има сите предуслови за производство на токсини. Всушност, сите влекачи и цицачи ја имаат оваа способност.

Експертите откриле дека низа на флексибилни гени кај луѓето претежно поврзани со дигестивните – плунковни жлезди кои се наоѓаат околу усната шуплина и фаринксот, даваат одговор на прашањето од каде потекнуваат отровните животни од оние кои ја немаат таа посебна моќ.

“Ние всушност ги имаме сите потребни елементи за производство на токсини. Сега тоа е процес на понатамошна еволуција”, вели еволутивниот генетичар Агнеш Баруа од Институтот за наука и технологија во Окинава.

Многу видови на животинско царство, како пајаци или змии, можат да создадат орален отров. Биолозите веќе знаеја дека отровот во устата на овие животни го произведуваат модифицирани плунковни жлезди, но новото истражување ја откри молекуларната механика која стои зад таа модификација, пишува „Live Science“.

Способноста да се создаваат отрови е вистински пример за флексибилност на природата. Многу компоненти на орални токсини се заеднички за различни животни. На пример, составот на отров од гасеница се наоѓа и во отров на змија.

Научниците за време на оваа студија не биле фокусирани на самите отрови, туку на гените што ги создаваат. Овие регулаторни гени ја формираат основата на целиот систем за производство на токсини, но не го произведуваат директно.

Истражувачите започнаа да го анализираат геномот на тајванската змија хабу (Trimeresurus mucrosquamatus), инвазивен вид во Окинава.

„Бидејќи ја знаеме функцијата на сите гени во таа змија, треба само да анализираме кои гени се поврзани со оние кои се одговорни за создавање отров“, вели Баруа.

Тимот пронашол констелација на гени што е вообичаено во повеќе телесни ткива кај сите амниоти. Амниотиите се копнени ‘рбетници (цицачи, птици и влекачи) кои внатрешно ги оплодуваат своите јајца или ги положуваат на копно. Многу од овие гени, поврзани со оние за производство на токсини се вклучени во создавањето на протеини, вели Баруа, што има смисла бидејќи отровните животни мораат да произведат голема количина токсини што се произведуваат од протеини.

Истите овие регулаторни гени изобилуваат во човечките жлезди, кои исто така произведуваат големи количества на протеини во плунката.

Со други зборови, секој цицач или влечуга има генетска предиспозиција за производство на отров. Луѓето, и глувците, веќе произведуваат клучен протеин кој се наоѓа во многу токсини. Такви се каликреините – протеини кои метаболизираат други протеини и се лачат со плунка. Тие протеини функционираат дури и кога се изложени на мутации. Така, лесно се јавуваат корисни мутации на каликреин, кои го прават отровот болен и смртоносен.

„Не случајно каликреинот е најраспространета компонента во отровите низ животинскиот свет, бидејќи тој е многу активен ензим во каква било форма“, вели Брајан Фрај, биохемичар – специјализиран за отрови од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

Каликреините се природна почетна точка за така наречено појавување на отровни луѓе.

“Луѓето треба да бидат отровни за да преживеат. Можеби во иднина ќе имаме поголемо ниво на каликреин”, се шегува Баруа.

Звучи примамливо дека еден ден ќе станеме навистина отровни, но тешко дека ќе се случи тоа. Отровот кај животните се развива како метод на одбрана или како начин на фаќање плен, и засега, со помош на земјоделството, ние функционираме многу добро без таа помош.

Мал број на цицачи се отровни. Вампирските лилјаци, со отровна плунка што спречува формирање на тромби, го користат своето оружје за полесно и поефикасно да се хранат. Медитеранските шумски отровни ровки можат да користат отров за да зашеметат плен поголем од нив, а потоа да го убијат. Тие исто така го парализираат пленот (обично инсекти и други без’рбетници) со отров за да го зачуваат за подоцна.

Луѓето измислиле алатки, оружје и социјални структури кои ги прават повеќето од овие работи без потреба од отров. А отровот е исто така скап, вели Фрај. Потребно е многу енергија за да се изградат и создадат сите овие протеини. Поради оваа причина, на животните често им треба некое време да го надополнат искористениот отров, а оваа способност исчезнува ако не се користи подолго време.

Постојат видови морски змии кои имаат остатоци од отровни жлезди, но кои повеќе не се отровни затоа што преминале од хранење со риба во хранење со рибини јајца, за што не им треба отров.

Истражувањето со назив An ancient, conserved gene regulatory network led to the rise of oral venom systems е објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Поддржете ја нашата работа: