Бидејќи затоплувањето на океаните влијае на коралните гребени, научниците прават напори во истражувањата насочени кон изнаоѓање начини за забавување или пресврт на процесот. Се укажува дека поради зголеменото загадување и климатските промени, ако ништо не се стори, сите гребени може да исчезнат во следните 80 години, што ќе доведе до сериозни промени во екосистемот.
Новата студија објавена оваа недела во академското списание „Морска биотехнологија“ детално објасни како тим истражувачи во Јапонија успеале да создадат услови за раст на коралите во лабораторијата. Ова е голем чекор напред, бидејќи досега беше скоро невозможно да се создадат вистински услови за раст на овие морски организми. Ова достигнување треба да обезбеди подобро разбирање на растот на коралите и проблемите што се зголемија во последниве години.
Потоплите температури предизвикаа „избелување на коралите“ – процес во кој коралите станаа целосно бели. Ако водата во морето или океанот е премногу топла, коралите ги протеруваат алгите што живеат со нив во симбиоза. Повеќето корали не го преживуваат тој стрес, пишува Futurism.
Исчезнувањето на коралните гребени е еден од најјасните сигнали за опасни промени што се случуваат како резултат на климатските промени. Во една студија минатата година, истражувачите заклучиле дека сите корални гребени на Земјата може да исчезнат до 2100 година, што ќе има катастрофални последици за човештвото.