
Соларната сонда “Паркер” со помош на својата широкопојасна камера направи неверојатно јасна слика од површината на Венера, па затоа научниците не знаат дали нивната опрема е пречувствителна или случајно откриле дупка во атмосферата.
“Паркер” минатиот јули, прелета покрај Венера за да со помош на нејзината гравитација го продолжи својот пат кон најблиската ѕвезда. На тој пат, таа направи фасцинантна фотографија од мистериозната, мрачна страна на нашата соседна планета. Со помош на еден од многуте свои инструменти, широкопојасната камера WISPR, сондата успеа да направи изненадувачки јасна фотографија на дел од површината на планетата.
Научниците очекуваа густи облаци од јаглерод диоксид, но наместо тоа добија мрачен дел на подигнатата област околу екваторот на Венера, позната како “Афродита Тера”. Таа, според научниците, има температура 30 степени Целзиусови пониска од околните области, велат од НАСА.
„WISPR” ефикасно ја забележа термалната емисија на површината на Венера“, коментираше Брајан Вуд, астрофизичар и научник од тимот на WISPR, истакнувајќи дека фотографијата е слична на онаа направена од јапонска сонда што моментално ја анализира планетата и може да открие светлина од близина -инфрацрвен опсег.
Грешка во опремата или ново откритие?
Без разлика дали станува збор за грешка во опремата, ова ќе им овозможи на научниците да направат нови експерименти со ѕвездената прашина околу Сонцето. Имено, леталото лансирано во 2018 година требаше да стигне на четири милиони километри оддалеченост од Сонцето и да го сними со голем број инструменти, вклучувајќи го и WISPR.
„Ова изненадувачко откритие го поттикна тимот на WISPR да се врати назад во лабораторија и да ја измери чувствителноста на инструментот за инфрацрвена светлина“, коментира Мајкл Бакли, менаџер за комуникации во Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс.
Ако WISPR не е причина за толку јасната фотографија, тогаш можно е да е откриена огромна дупка во атмосферата преку која може да се видат делови од површината на Венера. За да открие што е тоа, Паркер минатиот викенд направи уште еден лет покрај Венера. Фотографиите од тој лет ќе бидат објавени кон крајот на април.