Децении пред да дознаеме дека птиците можат да го „видат“ магнетното поле на Земјата, познатиот математичар и физичар, Алберт Ајнштајн пишувал за можно постоење на неоткриени супер сетила кај некои видови на нашата планета.
Долго изгубеното писмо од 1949 кое познатиот научник го адресирал до инженерот Глин Дејвис, кој истражувал на темата, се покажало дека содржи вредни информации од интерес на биологијата и физиката.
Оригиналните записи од истражувањата на Дејвис, поради кои започнала оваа преписка, се тврди дека се изгубени, но судејќи според одговорот на Ајнштајн, прашањето на Дејвис има врска со перцепцијата на животните и со полето на физиката.
„Би можело да се размислува дека истрагата за однесувањето на птиците преселници и гулабите писмоносци ќе може да доведе до разбирање на некаков физички процес кој сè уште е непознат“, напишал меѓу другото Ајнштајн во својот одговор.
Повеќе од 70 години подоцна, знаеме дека Ајнштајн бил во право. Современите истражувања сугерираат дека птиците можат да го почувствуваат магнетното поле на Земјата користејќи специјални рецептори во очите, чувствителни на суптилни поместувања во магнетното поле на планетата. Споспбност што им овозможува да мигрираат илјадници километри без да се изгубат.
Другите животни, како морските желки, кучињата и пчелите, исто така, покажуваат необична способност да ги чувствуваат магнетните полиња на нашата планета.
„Неверојатно е што Ајнштајн говорел за оваа можност неколку децении пред емпириските докази да откријат дека некои животни навистина можат да регистрираат магнетни полиња и информациите да ги користат за навигација во просторот“, пишуваат истражувачите од Еврејскиот универзитет во Ерусалим, каде што неодамна беше донирано писмото.
Во времето на пишувањето на писмото, биологијата и физиката започнале да се спојуваат како никогаш порано. Тој пердиод била откриена ехолокацијата на лилјаците, а започнале и првите експерименти за радарската технологија.
Всушност, самиот Дејвис бил истражувач во оваа област, па веројатно затоа бил заинтересиран за суптилните сетила и кај други видови животни.
Се чини дека и познатиот физичар бил фасциниран од биологијата, гледајќи на неа како прозорец кон невидените физички сили.
Неговото писмо, кое не било откриено сè до смртта на Дејвис, во 2011 година, е кратко, но потврдува дека Ајнштајн бил фасциниран и од однесувањето на пчелите.
Од времето кога е испратено писмото, науката дозна многу за однесувањето на пчелите и за тоа како овие љубопитни инсекти го перцепираат светот. Исто како што предвидел Ајнштајн, тоа знаење веќе ни помага да ја подобриме технологијата.
И покрај децениското истражување, сепак останува уште многу мистерија. Точните механизми со кои животните ја перцепираат светлината или го чувствуваат магнетното поле на Земјата сè уште се проучуваат и можеби не се исти за секој вид.
На пример, пчелите го чувствуваат магнетното поле преку систем во стомакот, додека птиците и кучињата се чини дека тоа го прават претежно преку специјални рецептори во нивните очи наречени криптохроми.
Интересно е што криптохромите ги има и во човечките клетки, а едно истражување докажа дека овие клетки реагираат динамично на промените во магнетното поле.
Извор: Journal of Comparative Physiology