ОН: Eмисиите на стакленички гасови се зголемуваат! Светот е далеку од климатските цели

Концентрациите на стакленички гасови достигнаа рекордно ниво во 2020 година, објави денеска агенцијата на ОН – Светската метеоролошка организација, предупредувајќи дека светот е далеку од постигнување цели за ограничување на покачувањето на температурата.

Извештајот на Светската метеоролошка организација покажа дека нивото на јаглерод диоксид се зголемило на 413,2 честички на милион во 2020 година.
Ова е поголем пораст од просечната стапка на раст во последната деценија, и покрај привремениот пад на емисиите за време на затворањето поради Ковид-19.

Шефот на агенцијата, Петери Талас рече дека споменатите бројки ќе доведат до зголемување на температурите „далеку над“ целта од Парискиот климатски договор во 2015 година, што предвидува зголемување за 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа.

– Ние сме далеку од тоа. Треба да ги преиспитаме нашите индустриски, енергетски и транспортни системи и начин на живот, рече Талас, повикувајќи на „драматично зголемување“ на обврските на конференцијата КОП26, што започнува на 31 октомври.

Претставници од речиси 200 земји ќе се сретнат во Глазгов за да разговараат за борба против глобалното затоплување.

Поддржете ја нашата работа: