Откриен нов вид на китови во Мексико

Тим научници кои работат на западниот брег на Мексико веруваат дека пронашле кит за кој тврдат дека претходно не бил познат.

Минатиот месец, три клунести китови биле забележани во близина на островот Сан Бенито на околу 500 Км од границата со САД.

Откритието се случило кога научниците се обиделе да откријат кои се китовите што произведуваат досега неидентификувани звучни сигнали кои биле претходно снимени во таа област. Експертите за китови снимиле фотографии и видеа од трите китови, а со помош на подводен микрофон ги снимиле и нивните звучни сигнали.

Истражувачите Густаво Карденас Хинохоса, Џеј Барлоу и Елизабет Хендерсон се многу сигурни дека ова е нов вид кит, се наведува во соопштението за печатот, а генетското тестирање и дополнителното истражување ќе проверат дали се точни нивните тврдења.

„Видовме нешто ново, нешто што не се очекуваше на овие простори, нешто што не одговараше, ниту визуелно ниту акустично, со било што досега познато“, рече Барлоу.

Секој вид кит под вода емитува единствен звучен сигнал, а ваков звук никогаш порано не бил снимен. Првите анализи на физичките карактеристики на набљудуваните китови сугерираат дека тие навистина се нов вид клунести китови.

Поддржете ја нашата работа: