Набљудувачите на китови во Јапонија деновиве присуствувале на ретка средба со морските џинови забележувајќи, не една, туку две бели орки во водите кај јапонскиот остров Хокаидо.
Белата боја на орките, исто така познати како китови убијци, се верува дека е резултат на албинизам или леуцизам.
Албинизмот кај орките е резултат на генетско вкрстување, но нема јасни докази што сугерираат дека тоа би можело негативно да влијае на китовите убијци на кој било начин, велат истражувачите. Леуцизмот е исто така резултат на случајна генетска мутација и исто така и за неа се чини дека не влијае на здравјето на орките.
Сепак, единствениот начин да се каже со сигурност која од овие вродени аномалии е причина за белата боја кај забележаните китови е да се видат нивните очи (што не се гледаат на сликите); розовите очи би значело дека китовите убијци се албино, појаснуваат истражувачите.
Нејасно е колку точно бели орки постојат низ целиот свет, но за одредени популации се знае дека имаат повеќе бели индивидуи од другите.
„Приближно 1 на 1.000 орки во северен Пацифик се бели“, велат биолозите, додавајќи дека тоа е веројатно највисокиот сооднос насекаде во светот. Во 2016 година, објавена е студија во која се истакнува необичното изобилство на бели орки во регионот.