Во оддалечен дел на Русија, покрај брегот на Белото Море, биолозите забележале блескав снег, слаби сини светла под белиот кристалест прав, пренесува Дејли Меил.
Вера Емелијаненко, микробиолог која живеела во оддалечена полска станица, собрала дел од снегот, го ставила под микроскоп и открила дека за сјајот се одговорни малите биолуминисцентни животни наречени копеподи.
Честопати наречени „морски бубачки“, овие суштества обично се наоѓаат во океанот на длабочина до 90 метри во текот на денот, додека во текот на ноќта се само неколку метри под површината.
Ксенија Кособокова, експерт за морски планктони од Руската академија на науките во Москва, изјави за National Geographic дека копеподите најверојатно биле фатени во силна струја во Белото Море што ги донела на брегот.
Плимата и осеката беа екстремно високи на почетокот на месецот и повторно на 16 декември, што укажува на тоа дека посилните плими ги принудиле копеподите да испливаат. Понатаму, откриено е дека се работи за вид на копепод наречен „Metridia longa“, кој носи молекула наречена „луциферин“ и произведува светлина со биолуминисценција, која е одговорна за сцените од фотографиите. Имено, кога луциферинот реагира со кислородот, тој создава светлосна енергија, односно – сјај.
Се верувало дека копеподите кои светат во снегот се живи кога ги забележала Кособокова, бидејќи малите животни како нив можат да преживеат на екстремно ниски температури.
Стивен Хадок од Институтот за морски истражувања во Монтереј Беј изјави за National Geographic дека копеподите сепак биле мртви, но како и светулките, тие сè уште светат откако ќе престанат да живеат.
– Соберете го организмот и ставете го во замрзнувач за подоцнежно проучување. Потоа, кога ќе го извадите, полека ќе почне да свети бидејќи хемикалиите кои се наоѓаат во нивните тела сѐ уште се совршено способни да реагираат – тврди тој.
Мора да се признае, најизненадувачкиот факт е дека светлечки снег досега не е виден во близина на истражувачката станица која е активна повеќе од 80 години.