На 4 мај годинава студенти од Универзитетот Карнеги Мелон во САД ќе лансираат минијатурен, лесен ровер наречен Iris, кон површината на Месечината. Тие ќе го направат тоа пред НАСА да го испрати својот прв ровер на нашиот природен сателит.
Иако вселенската агенција испрати пет роботски ровери на Марс, долго време нема испратено ровер на Месечината. Сепак, НАСА почна со работа на својот лунарен ровер VIPER и се подготвува за датумот 10 ноември 2024 година, кога нивниот ровер се очекува да стапне на Месечината.
Моментално кинескиот робот Yutu-2 се шета по најоддалечената страна на Месечината и ги документира карпите. Грција, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати работат на сопствени програми за лунарни ровери, пренесува Bloomberg.
На минијатурниот робот Iris работеле околу 300 американски студенти.
„Со години работиме на оваа мисија и да се има дефинитивен датум на календарот е многу возбудливо. Iris ќе го отвори патот за истражување на Месечината и вселената и ќе докаже дека минијатурен робот направен од студенти може да се качи на Месечината“, вели Раевин Дувал, командир на мисијата.
Ракетата која ќе го носи малиот ровер ќе биде лансирана од центарот Кејп Канаверал во Флорида. Кога ќе стигне на Месечината, Iris ќе реализира 60-часовна мисија составена од фотографирање и испраќање на фотографиите на Земјата. Според соопштението, Iris ќе биде првиот американски лунарен ровер, првиот лунарен ровер направен од студенти, најмалиот и најлесен ровер и првиот кој има и шасија и тркала од карбонски влакна.
(Interesting Engineering)