„Црната смрт“ пустошела низ Европа дури и во каменото време!

Најстариот вид на чума, пронајден од научници во неолитска гробница, може да даде одговори на прашањата за тоа како еволуирала чумата и зошто исчезнале населбите на првите европски фармери.

Долго пред двете најсмртоносни пандемии во историјата – чумата на Јустинијан, која пустошела кон средината на 6 век и „црната смрт“, која збриша една третина од европското население во средината на 14 век – древниот вид бактерии одговорни за овие масакри веројатно ги демнел и европските земјоделци и сточари пред околу 5000 години.

При ископување на неолитска гробница во Шведска, пронајдени се останки на 20-годишна жена, за која е утврдено дека починала пред 4900 години. Времето на нејзината смрт се совпаѓа со периодот на т.н Неолитски пад, кога неолитските култури и населби низ Европа мистериозно исчезнале. Со анализа на овие остатоци, група научници од Франција, Шведска и Данска го открија геномот на античкиот вид на бактеријата што предизвикува чума – латинското име Yersinia pestis. Во истиот гроб се пронајдени посмртните останки на уште едно лице, во кое е откриен истиот вид бактерија, што ги навело овие научници да заклучат дека и двете лица починале од чума, како и дека најверојатно се работи за епидемија.

Нивното истражување, објавено во научното списание „Cell“, покажува дека геномот на овој бактериски сој е генетски постар од сите познати соеви на истата бактерија и дека е најблизок во однос на последниот заеднички еволутивен предок Y. pestis. Истражувачите претпоставуваат дека овој древен примерок се одвоил од другите видови на чума пред околу 5.700 години.

„Ние сме на еволутивниот почеток на оваа заразна болест“, вели Симон Расмусен, главен автор на студијата и научник од Универзитетот во Копенхаген.

Расмусен исто така верува дека ова откритие нуди нова теорија за тоа како се проширила чумата. Археолозите знаат дека огромните миграции на луѓе од евроазиските степи во Европа се случиле пред околу 5.000 години, но сè уште е предмет на дебата како овие култури би можеле да ја поместат неолитската сточарска култура која била многу распространета на стариот континент во тоа време. Претходните истражувачи верувале дека овие освојувачи ја донеле чумата со себе од степата, така што тие „здружени сили“ ги опустошиле големите населби на првите европски сточари.

Но, ако видот на чума што научниците го пронајдоа кај жената се одвои од остатокот од Y. pestis пред 5700 години, тоа значи дека најверојатно еволуирал пред да започнат овие миграции.

Речиси во исто време, огромните населби од 10.000-20.000 жители станале вообичаени низ Европа, што довело до деловна специјализација, развој на нова технологија и веројатно трговија. Но, овие населби биле и плодна почва за чумата.

„Мега-населбите како овие биле најголемите населби во Европа во тоа време, десет пати поголеми од сите други. Заеднички сместувале луѓе, животни и складирале храна, што значи дека, најверојатно, преовладувале многу лоши санитарни услови. Тоа е пример како од книга за тоа што ви треба за еволуција на нови патогени“, наведува Расмусен.

„Сметаме дека нашите податоци одговараат. Ако чумата еволуирала во мега-населби, тие биле напуштени кога луѓето почнале да умираат. Токму тоа е забележано во споменатите населби од пред 5500 години. Чумата, исто така, почнала да мигрира по сите трговски патишта благодарение на транспортот на тркала, кој во тој период брзо се шири во Европа“, додава тој.

Конечно, Расмусен сугерира, чумата стигнала до малата населба во денешна Шведска преку овие трговски интеракции. Тој тврди дека ДНК на починатата жена, исто така, дава дополнителни докази за оваа теорија – таа не е генетски поврзана со луѓето кои дошле во Европа од евроазиските степи, што ја поддржува идејата дека овој вид на чума пристигнал пред да се случат овие масовни миграции. Досегашните археолошки откритија исто така ја поддржуваат оваа хипотеза, бидејќи не се пронајдени траги од освојувачи во времето кога оваа жена умрела.

„Сепак, ние сѐ уште не ги имаме најдено клучните докази, но тоа е така оти сè уште не сме ни почнале да ги бараме. Би сакале да го направиме тоа, бидејќи кога би можеле да ја пронајдеме чумата во овие населени места, тоа силно би ја поддржало оваа теорија“, вели овој дански научник.

И покрај сè, Расмусен смета дека оваа студија е чекор напред во разбирањето како чумата, но и другите патогени, стануваат смртоносни.

„Ние обично мислиме дека овие суперпатогени отсекогаш биле таму, но тоа не е така“, рече тој, додавајќи:

„Чумата еволуирала од организам кој бил релативно безопасен. Во поново време, истото се случи и со сипаниците, маларијата, еболата и вирусот Зика. Овој процес е многу динамичен – и сè уште се случува. Мислам дека е навистина интересно да се обидеме да го разбереме начинот на кој нешто безопасно се развива во нешто крајно заразно“, додава тој.

Поддржете ја нашата работа: