Машкиот МОЗОК има многу поголема сличност со ТЕСТИСИТЕ отколку што се мислеше…!

Онаа изрека, дека мажите размислуваат со органите под појасот, деновиве добива нова димензија. Неодамнешна студија откри неверојатно многу сличности помеѓу мозокот на мажите и нивните полови органи.

„Мозокот и тестисите имаат најголем број на заеднички протеини, во споредба со другите ткива на човечкото тело“, пишува во нивниот нов труд тимот предводен од биомедицинскиот научник Барбара Матос, од Универзитетот во Авеиро во Португалија.

Неверојатноста на ова тврдење произлегува од добро познатите факти дека од една страна, мозокот има мошне сложена улога – го контролира нашето тело, прима и толкува сигнали од сетилните органи, но и управува со сите наши размислувања и чувства. Од друга страна пак, човечките тестиси имаат само две функции – производство на сперматозоиди и на хормони.

Размислувањата за големата поврзаност помеѓу овие два органа беа поттикнати од неколку претходни студии, кои сугерираат дека постојат врски помеѓу сексуалната дисфункција и мозочните нарушувања, па дури и помеѓу интелигенцијата и квалитетот на спермата. Се разбира, ваквите врски не значат многу по себе, но сега тимот истражувачи од Португалија и Велика Британија најде дополнителни објаснувања.

Тие споредиле протеини од 33 типови на ткива, вклучувајќи ги срцето, цревата, грлото на матката, јајниците и плацентата и откриле дека тестисите и мозокот имаат 13,442 заеднички протеини. Ова е потврдено и од неколку претходни студии спроведени врз гените, кои покажуваат дека овие два органа, иако меѓусебно оддалечени, делат најголем број на гени од сите други органи во телото.

Разгледувајќи ги подетално останатите протеини, најзастапени во овие ткива, Матос и неговите колеги откриле дека тие, покрај тоа што учествуваат во развојот на ткивата, имаат способност и за меѓусебна комуникација.

„Овие заеднички протеини имаат дополнителна смисла во целиот ситем на неочекувана поврзаност помеѓу двете ткива“, објаснува тимот.

Сличноста не завршува тука. Мозокот и тестисите имаат голема потреба од енергија, потребна да поттикнат многу деликатни процеси, како што е аналитичкиот разум и производството на неколку милиони сперматозоиди дневно. За таа цел и двата органа имаат развиено свои специјализирани клетки за поддршка на функционалното ткиво, за невроните во мозокот и за герминативните клетки во семениците.

Исто така и покрај тоа што се многу различно диференцирани, постои сличност помеѓу функционирањето на невроните со тоа на сперматозоидите. Двете клетки имаат важни задачи кои вклучуваат изнесување супстанци од внатрешноста кон нивното надворешно опкружување – процес наречен егзоцитоза.

На тој начин мозочните клетки ослободуваат невротрансмитери, додека кај сперматозоидите истиот процес се користи за ослободување на важни фактори за оплодување.

„Ова е недоистражена тема и треба подетално да се разјасни врската помеѓу овие ткива. Тоа може да помогне да се разберат дисфункциите кои преку мозокот влијаат на тестисите“, наведуваат од тимот.

Овие откритија го покренуваат прашањето – како е можно два органа, сосема различни по функција, да споделуваат толку многу заеднички нешта? Истражувачите првично се сомневаат дека слично како што животните разделени со милиони години еволуција можат да развијат исти карактеристики, сличности може да се развијат и кај различни ткивни групи во рамките на човечкото тело.

Следно што останува е науката да даде одговор дали ова откритие значи дека и женските мозоци делат голема сличност со јајниците на жената?

Истражување е објавено во Royal Society Open Biology.

Поддржете ја нашата работа: