Мистерија на Париските Катакомби – царството на мртвите!

Тунелите под Париз биле оригинално создадени во 12-тиот век, кога била изградена Богородичната црква (Нотр Дам). На жителите им овозможувале патека под метежот на градот, преку која ќе стигнат до црквата. Во текот на доцните години од 18-ти век, цела улица се срушила, и открила што се криело под неа. Градската управа решила да ги доизгради тунелите, и секој да го означи како улица која се протега над нив. За да се спречи понатамошно рушење во 1777 година била воспоставена Инспекција со цел да се следи стабилноста на веќе постоечките каменоломи и исто така да се забрани копање на нови. Но, веќе имало ископано тунели за подобро следење на подземната мрежа, што постојат до ден – денес.

Париските Катакомби се познато масовно погребно место за милиони Парижани кои биле преместени во старите каменоломи за варовник под градот Париз кон крајот на 18 век и оттогаш станале место за интриги и една од најнеобичните туристички атракции во Париз. Низ целиот град има многу голема мрежа на подземни тунели и каменоломи кои се протегаат на повеќе од 300 километри. Меѓутоа, влезот во тунелите и катакомбите е ограничен на одредена област од безбедносни причини и од 1955 година е нелегално да се влезе во катакомбите, освен ако не се одобри со дозвола, а посетителите се придружувани од службено лице. Сега има еден дел кој е отворен за јавноста. Скоро десет века, гробиштата близу до црквата Сент-Еустас во областа Лес Халс се користеле за погребување, но сепак станала потекло на големи инфекции и болести за жителите на таа област, поради бројот на несоодветни погребувања и количина на масовни гробници во оваа и многу други црковни дворови во и околу областа. Имало доставени поплаки и Државниот совет презел дејствија и објавил отстранување и евакуација на гробиштата на 9 ноември 1785 година. Било одлучено некои од старите каменоломи да се искористат за оваа намена. Исто така била донесена одлука коските да се поместат ноќе и да се даде благослов.

Првите коски биле отстранети и ставени во овие стари каменоломи на 7 април 1786 година и овој ритуал продолжил до 1788 година, но катакомбите биле искористувани до 1814 година за да се соберат коски од многу различни гробишти во Париз. Кога во 1955 година станало илегално да се спушта по катакомбите, француската полиција пуштила посебна група на полицајци која ќе патролира низ подземниот лавиринт. Служеле како чувари на подземјето, и како спасители на децата и туристите кои скитале во катакомбите без мапа, па често се губеле и беспомошно се труделе да го најдат излезот. Денес во Катакомбите во Париз има посмртни остатоци на околу шест милиони Парижани, кои биле пренесени од гробиштите низ градот во трансформираните стари каменоломи за варовник и оттогаш биле интересна фасцинација за луѓето.

Низ годините, катакомбите биле користени и од луѓето на Париз. Не биле само место каде биле оставени безброј мртви тела откако гробиштата биле преполнети. Овде се криеле и германските и француските војници во текот на Втората светска војна. Сега, катакомбите се место во кое е создаден еден таен свет, полн со мурали, скулптури, кина, барови, и начин преку нив да се набљудува и учи историјата на Париз. Во 2004 година, полицијата пронашла вчудовидувачка мала населба под Париз – кино чии седишта се издлабени во камењата на катакомбите, и бар кој сосема добро функционира. Создавачите на овој подземен театар дури и краделе струја од станбените згради на површината над катакомбите. Исто така, работата на нивната илегална „градба“ веднаш била спречена, меѓутоа не била полицијата таа која го спречила тоа. „Населбата“ мистериозно исчезнала пред полицијата да пристигне. Кога полицијата се вратила следниот ден за да го уапси мистериозното подземно општество, се било демонтирано, а оставен бил само знак на кој пишувало „Не се обидувајте да не’ најдете“.

Денес, има неколку групи кои посветиле години од својот живот за одржувањето и разубавувањето на подземните патеки на Париз. Од скали изрезбани во камен, до статуи на лавови и масивни фонтани, катакомбите на Париз не се само „кралството на мртвите“ и место на кое се складирани купишта коски од минатото, туку и засолниште за уметниците, авантуристите, и оние кои сакаат да побегнат од монотонијата и секојдневието на општеството во кое за нив нема место.

Ова е еден од необичните музеи во Париз и не е погоден за мали деца. Имајќи го ова на ум, ниедно дете под 14 годишна возраст не може да влезе во катакомбите, освен ако не е придружувано од возрасно лице. Посетата на Катакомбите во Париз исто така не се препорачува за лица кои страдаат од било какви проблеми со срцето, респираторна слабост или нервни заболувања, бидејќи има температура од околу 14 степени и доста влажен воздух. Исто така, не е достапно за инвалиди или за лица со проблеми со мобилноста, бидејќи има 131 скалило кои се спуштаат надолу и 112 скалила кои се качуваат нагоре, а должината на пешачката патека е 2 километри. Посетите се ограничени на одреден број луѓе во исто време од безбедносни причини, што значи дека во одредени периоди од годината можеби ќе треба да почекате одредено време пред да ви биде дозволено да влезете.

Во моментов, за влез во Париските катакомби може да се направат само резервации преку интернет. Меѓутоа, ако сте заинтересирани да го откриете овој музеј на Катакомби, трошокот за влез е 29 евра, иако има намалена стапка од 27 евра за оние во одредени возрасни групи. Оваа цена вклучува аудио водич, кој е достапен на англиски, француски германски и шпански. Алтернативно, билетите купени од последен момент и користени истиот ден се по цена од 14 евра, но за аудио водичот треба да се доплати посебно цена од 5 евра. Катакомбите на Париз се отворени од вторник до недела, од 9:45 до 20:30 часот, но последниот прием е најмалку еден час пред затворањето. Тие се затворени во понеделници и на повеќето национални француски празници.

Поддржете ја нашата работа: