Учениците што се чувствуваат поврзани со своето училиште и имаат добри односи со наставниците поретко развиваат емоционални тешкотии и почесто доаѓаат на настава, покажува нова студија од Универзитетот во Манчестер.
Истражувањето, објавено во Journal of the American Academy of Child & Adolescent Psychiatry, следело повеќе од 25.000 ученици од 154 средни училишта во Англија, на возраст од 12/13 до 14/15 години. Анализата комбинирала податоци за присуство на настава и тригодишни резултати од програмата #BeeWell.
Наодите покажуваат двонасочна врска: кога се зголемуваат емоционалните тешкотии, во следниот период опаѓа чувството на припадност и квалитетот на односите со училишниот кадар. Кај дел од учениците, особено кај девојчињата, тоа е поврзано и со поголеми отсуства од училиште.
Во спротивна насока, позитивните училишни искуства делуваат заштитно. Посилната поврзаност со училиштето и поддржувачките односи со возрасните во него се поврзани со помалку грижи, понизок пад на расположението и подобро присуство на часови. Кај момчињата, клучни се односите со наставниците, а кај девојчињата особено важен е чувството на припадност кон училишната заедница.
Истражувачите нагласуваат дека само подобрувањето на присуството не е доволно за да се подобри менталното здравје. Наместо тоа, училиштата треба да се фокусираат и на тоа како учениците се чувствуваат во секојдневието: дали се забележани, поддржани и прифатени. Според авторите, токму тие искуства можат рано да спречат отуѓување и да помогнат кога се појавуваат првите знаци на емоционални тешкотии.
































