Соларните бури би можеле да предизвикаат сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија и големи економски загуби во САД, покажува нов модел што ги поврзува физиката на вселенското време, инженерството и економијата.
Геомагнетните бури настануваат кога Сонцето исфрла плазма и магнетни полиња преку коронални исфрлања на маса. Кога овие честички ќе стигнат до Земјата, можат да создадат геоелектрични полиња и индуцирани струи во електричната мрежа. Особено изложени се високонапонските трансформатори, кои ја регулираат електричната енергија во преносниот систем.
Истражувачите предводени од Едвард Оутон развиле рамка за процена на последиците од екстремна геомагнетна бура, со веројатност на појава еднаш во 250 години. Моделот ги зема предвид јачината на бурата, ранливоста на мрежата и пошироките економски ефекти.
Според процените, геомагнетна бура со интензитет што се очекува еднаш во 100 години би можела да остави без електрична енергија околу 3,5 милиони луѓе и 91.000 деловни субјекти. Дневните економски загуби би изнесувале приближно 1,22 милијарди долари.
Во сценарио со најсилната анализирана бура, прекините би можеле да погодат до 5 милиони жители и повеќе од 135.000 бизниси. Директните загуби би достигнале околу 980 милиони долари дневно, додека вкупните загуби би изнесувале околу 1,81 милијарди долари дневно.
За проверка на моделот, авторите ги споредиле симулираните ефекти врз електричните трафостаници со мерења на Управата на долината Тенеси за време на геомагнетната бура „Генон“ во 2024 година.
Студијата, објавена во списанието AGU Advances, укажува дека подоброто разбирање на ризиците може да помогне при планирањето инвестиции во електричната мрежа. Истражувачите истакнуваат дека идните анализи треба да ги опфатат и каскадните дефекти, како и ситуации во кои соларна бура би се совпаднала со топлотен бран или ураган.
































