Црната дупка во центарот на галаксијата IC 3599 по третпат за 35 години нагло се засилила, а овојпат астрономите ја следеле ерупцијата додека се одвивала. Галаксијата се наоѓа на околу 280 милиони светлосни години од Земјата.
Претходните избувнувања биле забележани во 1990 и 2010 година, но нивната природа била анализирана дури откако избледеле. Редовното следење со вселенската опсерваторија „Swift“, започнато во 2013 година, во октомври 2025 покажало дека IC 3599 била околу 50 пати посветла од вообичаеното.
За дополнително проучување биле употребени „Swift“, рендгенскиот телескоп XMM-Newton и телескопи од опсерваториите „Lick“, „Xinglong“ и Кавказката планинска опсерваторија. Проценките покажуваат дека црната дупка има маса од приближно два милиони Сонца, а за време на избувнувањето зрачела близу до теоретската граница позната како Едингтонова граница.
Долгото, 120.000 секунди, набљудување со XMM-Newton открило дека рендгенската светлина периодично се засилува и ослабува, со можен циклус од околу 7,4 часа. Спектрите направени од земјата, пак, покажале нови или значително посилни емисиони линии, особено линии на високојонизирано железо. Тоа укажува дека избувнувањето го јонизирало гасот на големи растојанија околу црната дупка.
Истражувачите сметаат дека најверојатното објаснување е нестабилност предизвикана од притисокот на зрачењето во акрециониот диск. Во внатрешниот дел од дискот, силното зрачење го турка гасот, кој се насобира до критична точка, а потоа нагло се спушта кон црната дупка и предизвикува ерупција. Дискот потоа се празни, се лади и постепено повторно се полни.
Различните временски интервали меѓу трите избувнувања — околу 19,5, а потоа 15,7 години — исто така ја поддржуваат идејата за нестабилен процес, наместо за строго периодично нарушување од ѕвезда или друг објект во фиксна орбита.
Сепак, не се исклучени ниту други сценарија, како ѕвезда што постепено се распарчува при повторливи блиски минувања или систем со две црни дупки. Необичните рендгенски осцилации од 7,4 часа можеби се пример за квазипериодични осцилации, феномен забележан и кај неколку други активни галаксии, но за цврст заклучок се потребни подолги набљудувања.
Набљудувањето на IC 3599 им дава на научниците редок увид во однесувањето на материјата кога се наоѓа под екстремни услови, непосредно пред да биде проголтана од супермасивна црна дупка.
































