Пред неколку години беше започнат проектот наречен „MERCCURI“, со намера да се однесат и култивираат бактерии во вселената, особено на Меѓународната вселенска станица (МВС). Преку голема интердисциплинарна соработка биле собрани примероци од различни површини, од кои биле селектирани 48 непатогени бактериски видови и испратени на МВС во април 2014 година.
Истражувањата сега се објавени и покажуваат дека 47 бактериски видови функционирале на ист начин како и на Земјата и дека само една бактерија наречена „Bacillus safensis JPL-MERTA-8-2“ покажала за 60% поголем раст во однос на контролната колонија на Земјата. Оваа бактериска врста прв пат е откриена на еден од роверите за истражување на Марс, во Вселенскиот центар Кенеди во Флорида пред да бидат лансирани во 2004 година.
Засега не е јасно која е причината за ваквата појава. Најочигледната разика помеѓу средините е гравитацијата. Но, како што истакнува водачот на проектот, микробиологот Дејвид Коил во интервјуто за „Motherboard“, мала е веројатноста гравитацијата да има некакво влијание на поединечните микроорганизми со оглед на тоа дека тие се исклучително мали.
Но, веројатно нешто што нема видливо влијание врз поединечните микроорганизми има забележителен ефект кога се работи за поголеми колонии.
За да добијат одговор на овие прашања, истражувачите веќе работат на секвентирање на геномот на бактеријата и на тестирање на специфични фактори кои можеби го поттикнале ваквото однесување на бактеријата.
Оваа бактерија е именувана по „Spacecraft Assembly Facility“ (SAF) при Лабораторијата за реактивен погон (Jet Propulsion Laboratory), каде што за првпат е откриена.
Се смета дека бактеријата успеала да се „прошверцува“ на роверот на НАСА „Opportinty“ и да стигне до Марс во 2004 година, бидејќи и покрај тоа што научниците преземаат огромни мерки на претпазливост за да се осигураат дека она што го праќаат во вселената е чисто, сепак никогаш не можат да гарантираат дека секоја површина е 100% исчистена од сите микроорганизми.
Затоа ваквите експерименти на МВС се особено важни. Ако се знае дека практично е невозможно да се отстрани секој микроорганизам од предметите што ги испраќаме во нашето вселенско соседство, важно е да се знае како тие ќе реагираат ако стигнат на друга планета или ако почнеме да ја колонизираме Месечината во следните седум години – како што велат експертите дека е возможно.
Резултатите од студијата се објавени во списанието „Peer J“.