Научниците од Универзитетот Стенфорд развиле мал уред, со големина колку поштенска марка, кој убива 99,99 проценти од бактериите во водата за само 20 минути.
Доколку водата се изложи на сончева светлина, таа природно ќе се очисти бидејќи УВ зраците ги убиваат микроорганзмите. Меѓутоа, за да биде целосен овој процес, обично се потребни 48 часа. Новиот уред собира поширок спектар од сончевите зраци, со што целиот процес значително се забрзува.
Уредот изгледа како мала правоаголна плочка од црно стакло. Плочката се става во водата која потоа се изложува на сончева светлина и целиот процес всушност го завршува светлината.
Видливиот дел од сончевиот спектар го содржи најголемиот дел од сончевата енергија – околу 50 проценти од видлива светлина, во споредба со УВ зраците кои содржат 4 проценти.
Оваа видлива светлина ги привлекува електроните од обвивката на плочката која се состои од молибден дисулфид, која предизвикува хемиска реакција во водата. Оваа реакција поттикнува создавање на водороден пероксид и други дезинфициенси кои ja чистат водата од бактерии.
Кога ќе се погледне под микроскоп, материјалот се состои од многу минијатурни ѕидови од молибден дисулфид, цврсто споени заедно во вид на лавиринт, поставени над правоаголно стакло. Изгледа слично како отисок од прст.
Еден од главните фактори што ја прави оваа технологја комерцијално остварлива е тоа што молибден дисулфидот е евтин за производство (често се користи како индустриски лубрикант). Покрај тоа, финансиска заштеда се постигнува и со тоа што не е потребно никакво гориво, бидејќи за разлика од другите методи за прочистување, водата претходно не мора да се зоврие.
Сепак, истражувачите од Стенфорд ги чека уште работа пред овој уред да биде достапен во јавна употреба, бидејќи досега тој е тестиран на три видови на бактерии, а облогата не е ефикасна против хемиски загадувачи.
Истражувањето е објавено во „Nature Nanotechnology“.