Дали би купиле автомобил што ќе ве убие за да не прегази пешаци?

Дали би избрале вашиот автономен автомобил попрво да ве убие вас или група пешаци што преминуваат улица. Ова е едно од етичките прашања на кое требало да одговорат учесниците во едно неодамнешно истражување што беше објавено во списанието  „Science“.

Компаниите кои ги промовираат автомономните возила се соочуваат со многу пречки пред тие да станат широко прифатени, а некои од нив се морални. Затоа истражувачите спровеле серија истражувања околу тоа што ги прави возилата кои можат да возат без присуство на човек да бидат почовечни.

Мнозинството од учесниците признале дека помал број на жртви во сообраќајна несреќа, па дури и ако тоа значи да се жртвува патникот е морално. Но, и покрај тоа, тие одговориле дека е мала веројатноста за себе да купат таков автомобил.

Седумдесет и шест проценти од испитаниците изјавиле дека „е поморално автономното возило да жртвува еден патник, отколку да убие 10 пешаци“.

Ова се сменило кога учесниците ги замислиле членовите на семејството во автомобилот заедно со нив. А , ако требало да биде спасен само еден пешак, само 23 проценти од испитаниците одговориле дека возилото би требало да го жртвува патникот. Сепак, севкупно, трендот бил во полза автомобилот да направи жртва за „поголемо добро“.

Според истражувањето, и покрај тоа што испитаниците сметале дека автомобилите што ќе го жртвуваат патникот се поморални, тие за себе не би купиле таков автомобил. Испитаниците исто така не биле спремни да прифатат хипотетичка законска регулатива со која се наложува примена на овие морално инспирирани алгоритми.

Во истражувањето се нагласува дека автономните возила сѐ уште претставуваат ново прашање за јавноста, така што ставовите на потрошувачите околу тоа каков автомобил би купиле и каква законска регулатива би поддржале, сѐ уште се менуваат.

Поддржете ја нашата работа: