Дали температурата на водата игра голема улога при миење на рацете

Американските научници ја побиваат старата теорија дека миењето на рацете со потопла вода убива повеќе бактерии отколку со студена. Станува збор за мала студија, со мал број на испитаници, но резултатите покажуваат дека студената вода не е ништо помалку ефективна кога се работи за бактериите.

Во студијата учествувале 20 лица кои еднакво добро ги измиле рацете со вода од 15°C, и потоа со загреана вода на 38°C, а резултатите биле исти.

Британската државна здравствена организација NHS препорачува миење на рацете без разлика дали со студена или со жешка вода.

Научниците од Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси сакале да проверат дали станува збор за мит или вистина. Секој од учесниците морал по 20 пати да ги измие рацете со студена вода (15°C), вода загреана на 26°C, а на крајот со жешка вода (38°C). Експериментирале и со различна количина на сапун, а пред самиот експеримент рацете им биле прекриени со безопасни бактерии.

Резултатите потврдиле дека не постои разлика во количината на бактерии, ниту кај различната температура на вода, ниту кај различната количина на сапун.

“Луѓето треба да се чувствуваат удобно во текот на миењето на рацете, но кога станува збор за ефикасноста, оваа студија покажува дека температурата на водата нема влијание на конечниот резултат”, вели проф. Доналд Шафнер.

Сепак, тој и неговиот тим признаваат дека ова е сепак мала студија, и за да се потврдат конечни резултати потребни се додатни истражувања.

Она што се нагласува, е дека рацете треба да се мијат детално најмалку 20 секунди.

Поддржете ја нашата работа: