Без соодветната подготвеност и опрема, студеното време може да предизвика големи проблеми, особено ако подолго време сме изложени на студот. Па, што се случува со нашето тело кога сме соочени се екстремен студ и што прави за да не заштити?
Не постои одредена температура кога опасноста започнува, бидејќи многу фактори влијаат на тоа колку брзо една личност развива хипотермија. На пример, постарите луѓе може да развијат хипотермија во услови во кои помладите не би развиле, и спротивно на популарното верување, оние лица со алкохол во нивниот систем би биле поранливи на студот. Но, генерално, изложеноста на екстремно ниски температури претставува ризик за намалување на телесната топлина кај сите.
Хипотермијата се дефинира како телесна температура од или под 35 степени Целзиусови, која предизвикува проблеми во работата на срцето, нервниот систем, како и други органи во телото. Доколку не се третира може да доведе до респираторни проблеми и смрт.
Кога ќе почне да се намалува температурата на телото, започнуваме да се тресеме, односно да трепериме. Ова всушност е рефлекс кој се активира за да се загрееме – брзо стегање и олабавување на мускулите со цел да се произведе топлина. Покрај тоа, нашето тело иницира вазоконстрикција, односно стеснување на крвните садови во екстремитетите за да се пренасочи крвта во поважните ткива и органи. Ова му помага на телото да ја намали количината на топлина која ја испушта во средината и токму поради тоа алкохолот (кој ги проширува крвните садови) не прави поранливи на хипотермија.
Покрај ова, симптомите на блага хипотермија вклучуваат вртоглавица, забрзано дишење и ослабен пулс, а екстремно ниските температури имаат и психолошки ефекти.
Кога температурата на телото ќе достигне 32 степени Целзиусови, дишењето и срцевиот ритам почнуваат да се забавуваат на опасно ниво. По извесно време, тоа ќе доведе до губење на свеста, но пред да се случи тоа, оние кои страдаат од хипотермија ќе се чувствуваат збунето, ќе мислат или зборуваат бавно, а некои искусуваат и антероградна амнезија.
Со текот на времето, мускулите кои се одговорни за крвните садови ќе се исцрпат и ќе ослабат, што значи дека сета топла крв што се извлекла од екстремитетите наеднаш ќе се врати во нив, предизвикувајќи чувство на горење. Лицата кај кои хипотермијата имала и психолошко влијание, после ова може да почнат да се соблекуваат бидејќи им е жешко – однесување познато како парадоксално соблекување, забележано кај 25 проценти од фаталните случаи на хипотермија.
После сето ова, мозокот има уште еден последен обид да не спаси од замрзнување – нешто што научниците го нарекуваат последно закопување, или инстинктивен импулс да стигнеме до безбедно место, да се закопаме во снегот или да се скриеме под нешто во стуткана позиција која укажува на последниот механизам на заштитување.
Парадокасалното соблекување и последното закопување обично одат рака под рака и често се брзо проследени со смрт. Со телесна температура помеѓу 29 и 21 степен Целзиусов, доаѓа до неспособност за движење и нисок крвен притисок, што водат до кома. Под 21 степен Целзиусов, мускулите се здрвуваат, а дишењето и стапката на срцев ритам продолжуваат да се намалуваат се додека не настапи смртта.
Иако општата граница за преживување на човекот се наоѓа некаде над оваа температура, постојат некои неверојатни случаи на опоравување кои и се спротиставуваат. Најневеројатниот пример е жена – скијач која паднала и останала заробена во ледена вода цели 40 минути и успеала да преживее, иако температурата на телото паднала до неверојатни 13,7 степени Целзиусови – најниската температура на преживување што е забележана досега.