Водата сочинува меѓу 55 и 65% од нашето тело и е од суштинско значење за сите животни процеси како размислувањето, крвотокот и движењето на мускулите. Но, што ќе се случи доколку ја игнорираме жедта? Дехидрацијата е процес кој се разликува од личност до личност и зависи од многу фактори – состојбата на вашето тело, колку сте активни, надворешната температура и колку се потите. Но, едно е сигурно, кога ќе се стигне до одреден степен, може да стане доста опасно за брзо време.
Фаза 1: Жед
Во првата фаза на дехидрација губиме околу 2% од својата тежина. Кога се јавува жед, телото почнува да се потпира на залихата од течности. Бубрезите испраќаат помалку вода до мочниот меур, поради што урината станува потемна. Помалку се потиме, поради што температурата на телото се зголемува, а крвта станува погуста и се успорува крвотокот. Со цел да се задржи нивото на кислород во телото, се забрзува работата на срцето.
Фаза 2: Бесвест
Оваа фаза настапува после два дена без вода. Тогаш ние сме изгубиле 4% од тежината на нашето тело, исто колку што би изгубиле доколку се возиме со велосипед три часа на екстремно високи температури. Крвта станува високо концентрирана, што додатно го забавува крвотокот и предизвикува збрчкана кожа и нејзино сушење. Крвниот притисок додатно опаѓа и растат шансите да се онесвестиме. Потполно престануваме да се потиме, а без пот расте телесната температура.
Фаза 3: Оштетување на органите
Во оваа фаза сме изгубиле дури 7% од нашата телесна тежина. Телото се обидува да го одржи нормалниот крвен притисок. Се забавува дотокот на крв до бубрезите и желудникот што предизвикува нивно оштетување.
Фаза 4: Смрт
Смртта настапува по околу пет дена без вода. Непосредно пред смртта, предизвикана од дехидрација, човекот губи 10% од својата телесна тежина, отприлика колку 11 часа непрестано трчање на 32˚C. Ако надвор е премногу топло, поради висока телесна температура, човекот умира од прегревање на органите, најверојатно црнот дроб. Ако условите се поблаги, смртта најверојатно ќе биде резултат на откажување на функцијата на бубрезите поради акумулација на токсичен отпад во крвта.