Што е фатаморгана и како се создава?

Прекршувањето на светлината може да биде причина за појава на нестварни слики на песок или на површината на морето. Фатаморгана е всушност оптичка мамка, илузија која природа ја создава пред нашите очи.

Мора да напоменеме дека сите предмети ги гледаме, затоа што светлосните зраци се одбиваат од површината и паѓаат на нашите очи, обично во права линија. Но, ако над предметите постои слој на ладен воздух, тогаш светлината ќе се одбие од тој слој (под некој агол) и ќе падне кон земјата. Со други зборови, тој ладен воздух делува како огледало, а набљудувачот го гледа само одразот на предметот, кој всушност се наоѓа многу, многу далеку.

Тоа се случува во пустините, кога над жешкиот песок, во повисоките слоеви на атмосферата постои ладен воздух. Од висината на која тој се наоѓа, зависи аголот на прекршување и далечината од која зраците ќе се одбијат.

Кога оддалеченото небо ќе се одрази од „воздушното огледало“, нам може да ни изгледа како езеро. Тоа е всушност фатаморгана.

Фатаморгана се јавува и на море, како слика од бродови кои пловат по небото. Ова настанува кога студен воздух циркулира во близина на водата, а топлиот над него. Тогаш може да се видат оддалечени бродови, кои се наоѓаат надвор од хоризонтот, затоа што светлосните бранови од овие предмети се одбиваат од слојот топол воздух и така гледаме бродови на небото.

Меѓу најпрочуените фатаморгани во светот, спаѓа и онаа на Сицилија, над Месинскиот мореуз. Целиот град Месина се одразува на небото и пред очите на набљудувачот  се појавува како да е вистински пред него.

Изразот фатаморгана доаѓа од италијанските зборови fata Morgana, по самовилата Моргана (илузија, измама), зла маѓесница за која се верувало дека ја создава оваа појава.

Во соработка со Gostivarpress.mk

Поддржете ја нашата работа: