Две години носел чип под кожа – бил ужаснат кога сфатил како ќе изгледа иднината

pixabay

Јевгениј Черешњев, ИТ експерт од „Касперски лабораторијата“, две години носел поткожен имплант со цел да ја тестира технологијата на „дигитална ДНК“, преку која е можно да се идентификуваат корисниците на интернет без налог и шифра, со помош на уникатните биометриски карактеристики.

Со помош на собраните биометриски индикатори – глас, пулс, отисок од прстите и сл., можно е да се предвидат неговите активности. Тоа претставува „дигитална ДНК“ што ја има секој корисник на интернет.

За да ја докаже оваа теорија Черешњев направил експеримент. Две години на раката носел имплант поставен под кожа, кој ги собирал сите податоци за Јевгениј, вклучувајќи ја брзината со која пишува текст, речникот што го користи на социјалните мрежи и биометриските податоци.

„Мојот тим ја истражуваше опасноста од тотално шпиунирање на секој човек и можните манипулации со неговото однесување врз основа на анализата и модификацијата на матрицата на однесување. Ме фати ужас кога видов како може да изгледа иднината. Затоа, целата своја сила, знаење, емоции и исуство ќе ги вложам за да спречам таква иднина, во која луѓето би биле под тотална контрола“– вели Черењешев.

Кон крајот на јануари за оваа технологија Черешњев зборувал во Њујорк на „TED“ конференцијата, а претходно и во градот Казан.

„Човекот е под постојан „надзор“ на сите вклучени уреди и практично нема шанси да остане анонимен. Секој од нас прави карактеристични движења со глувчето со одредена брзина и на одредени делови од екранот. Секој прави сопствени грешки во пишувањето кои дури можат и да се предвидат. Некој може да дојде до тие податоци за движењата, зборовите и банкарските сметки и сето тоа да го злоупотреби “– вели Јевгениј.

Според него, не е далеку времето кога хакерите ќе можат да имитираат некоја друга личност, а големите компании ќе ги поседуваат и  најситните податоци за своите клиенти.

„Дигиталната ДНК е белешка за психолошкиот профил на конкретен човек“-вели Черешњев.

Ако некој  ја поседува  додигиталната ДНК, тој може да ја идентификува дотичната личност на интернет и да ги преземе нејзините податоци, како и да манипулира со нејзините желби, патувања, со интересите и знаењето, па дури и со лошите навики.

Според мислењето на Јевгениј Черешњев, тие уникатни податоци и физички и административно треба да и припаѓаат на дотичната личност.

„Ниедна држава или провајдер на било кој сервис не смее да има право на пристап до дигиталната ДНК без согласност на сопственикот“– убеден е Черешњев,

Погледнете го видеото

Поддржете ја нашата работа: