Островот Есамбе Ханакита Коџима, Јапонија кој се наоѓа на околу 500 метри од северниот јапонски остров Хокаидо, исчезнал под вода, и никој не знае зошто или кога точно се случило тоа.
Се верува дека овој мал, ненаселен јапонски остров во Охотското море исчезнал поради силни ветрови и бранови, но за таквите тврдења не постојат докази, а жителите на селото Саручу кое е најблиско населено место до островот, а се наоѓа на врвот на Хокаидо, дури и не го забележaле неговото исчезнување.
Тоа е еден од 158-те ненаселени острови, на кои во 2014. година јапонската влада им дала назив, означувајќи ги за свои, со цел да го потврди територијалниот и економски статус.
Островот Есамбе Ханакита Коџима лежи западно од Курилските Острови, кои со години биле предмет за спор меѓу Јапонија и Русија.
Како што пренесуваат весниците, според меѓународното право, еден остров може да биде именуван само доколку е над нивото на водата, а овој остров последен пат бил измерен во 1987. година, кога било утврдено дека се наоѓа на 1,4 метри над површината на водата.
Експертите тогаш утврдиле дека островот полека исчезнувал под вода поради силните ветришта и мразот, кои се јавувале секоја зима во Охотското море. За ова официјално мерење, никогаш не се појавил извештај.
Локалното население во септември било предупредено за неговото можно исчезнување, откако писателот Хироши Шимицу ја посетил областа додека пишувал книга за загубените јапонски острови.
Надлежните од локалната рибарска задруга биле за тоа известени, при што испратиле чамци на локацијата каде што се наоѓал островот и тогаш откриле дека веќе го нема.
Постарите рибари тврдат дека се сеќаваат дека на ова место некогаш се наоѓал остров, но до сега избегнуваат да поминуваат од таму бидејќи навигационите системи на бродовите, ова место го препознаваат како подводен гребен.
Јапонската крајбрежна гарда треба во блиска иднина да ја посети оваа област каде што се наоѓал островот и да утврди дали целосно е исчезнато нивото на морето. Доколку се потврди таквиот податок, јапонските територијални води значително ќе се намалат.