Исланд прогласена за најмирна земја на светот

Downtown Reykjavik, Iceland

Извештајот на Индексот на глобален мир ја прогласи Исланд за најмирна земја во светот.

Кога велиме најмирна, всушност зборуваме за отсуство на војна, политички немири и конфликти, а не за трансцедентното чувство на внатрешен мир, иако овие две работи често се поврзани. Исланд веќе 6 години по ред се наоѓа на врвот на оваа листа.

Извештајот е составен со помош на 23 различни фактори (меѓу кои насилен криминал, број на надворешни конфликти, политичка нестабилност, воени трошоци, нуклеарно и тешко оружје, насилни демонстрации, како и влијание на тероризмот), при што земјите биле оценувани од 1 до 5 (каде што 1 е најдобар) за нивната безбедност.

Исланд постигнал речиси совршен резултат од 1,192, додека Данска се најде на второто место со 1,245, а Австрија на третото место со 1,278.

Нов Зеланд, Португалија, Чешка, Швајцарија, Канада, Јапонија и Словенија се останатите земји кои се најдоа на листата на 10-те најмирни нации на светот, а останатите 123 земји може да ги видите на следниов линк. Македонија се наоѓа на 94-тото место. На дното на листата се наоѓаат земјите во состојба на хаос, со Сирија на последното 163-то место како најопасна.

Извештајот, кој е создаден од страна на Институтот за економија и мир, повикува на повеќе инвестиции во мирот и ја истакнува економската штета која ја предизвикуваат конфликтите. Институтот вели дека насилството го чини човештвото 13,6 трилиони долари секоја година.

Извештајот покажува дека мирот во светот се намалил во последнава година, што го зајакнува трендот на опаѓање во изминатава деценија. Резултатите исто така покажуваат глобална нееднаквост на мирот, односно најмирните земји продолжуваат да се подобруваат, додека најнемирните запаѓаат во уште поголеми конфликти и насилство.

Додека просечниот глобален мир се намалил во текот на изминатава година, 81 индивидуална земја го подобрила својот резултат, додека 79 земји го влошиле својот резултат. Смртните случаи од тероризам се зголемиле за 80%, додека смртните случаи од конфликти се повисоки отколку пред 25 години.

Позитивните вести се тоа што финансирањето на мировните мисии на ОН се зголемило за 12% и бројот на надворешни конфликти (нелегални војни со други земји) се намалил од 2015 година.

За крај, извештајот ги повикува земјите да ги здружат силите за да промовираат мир, да се борат против климатските промени и да се справат со зголемената миграција.

Поддржете ја нашата работа: