Џејмс Веб откри кафеави џуџиња со рекордно мала маса

Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ создаде детална панорама на регионот за формирање ѕвезди IC 348, оддалечен околу 1.000 светлосни години во соѕвездието Персеј. Набљудувањата открија млади ѕвезди, протоствезди и моќни млазеви што се судираат со околниот гас и прашина.

Најзначајното откритие се кафеави џуџиња со маса само двојно поголема од онаа на Јупитер. Тоа се најмалите познати објекти од овој тип и претставуваат само околу 0,19 проценти од масата на Сонцето.

Кафеавите џуџиња се формираат со колапс на облаци од молекуларен водород, слично како ѕвездите. Сепак, нивните јадра не стануваат доволно жешки за да започне трајна фузија на обичниот водород во хелиум. Новите набљудувања затоа ги поместуваат границите на она што се сметаше за можна минимална маса при формирањето на ѕвезди.

Истражувачите ги избрале кандидатите со камерата NIRCam во 2024 година, а потоа ја анализирале нивната светлина со спектрографот NIRSpec во 2025 година. Кај едно од најлесните кафеави џуџиња забележале диск, што отвора можност околу објект со планетарна маса да се формираат мали планети.

Спектрите откриле и карактеристичен сигнал што научниците го поврзуваат со сè уште неидентификуван јаглеводород. Бидејќи истиот сигнал досега е забележан само кај најмалите кафеави џуџиња, тие можеби припаѓаат на посебна спектрална класа.

Панорамата прикажува и објекти Хербиг-Харо, кои настануваат кога млазеви од млади ѕвезди удираат во околниот материјал. Меѓу нив се HH 797, поврзан со две протоствезди со речиси паралелни истекувања, и пропелеровидниот HH 211.