Кога помислуваме на соларни ќелии, обично имаме слика од голем метален и стаклен уред. Сепак една група од јапонски научници развила соларни ќелии кои се екстремно тенки, лесни и можат да се постават на облеката со цел лицето кое ги носи да создава енергија при одење.
Фотоволтаичните ќелии се дебели само 3 микрометри (приближно како пајакови мрежи) и може да се залепат на било кој дел од ткаенината. Поднесуваат температура и до 100 степени Целзиусови, што значи дека истата ткаенина, маица или јакна на пример, може да се пере без страв дека ќелијата ќе се одлепи или уништи.
Иако сеуште станува збор за прототип, јапонските научници истакнуваат дека ваквите фотоволтаични ќелии може да се користат за полнење на преносни уреди во движење. Покрај тоа, тие исто така би можеле да бидат поставени на шатори за производство на електрична енергија во областите погодени од природна катастрофа или области каде што нема класична дистрибутивна мрежа.
Во иднина имаат план дополнително да ја подобрат издржливоста и отпорноста на ќелиите со цел да станат достапни за пошироката јавност до 2020та година.