Кафето се поврзува со помал ризик од оштетување и рак на црниот дроб

Голема долгорочна студија сугерира дека луѓето кои пијат кафе имаат помал ризик од цироза, рак на црниот дроб и смрт поврзана со заболувања на овој орган.

Истражувачите од Cedars-Sinai Health Sciences University анализирале податоци од 354.957 учесници во британската биобанка, кои на почетокот немале цироза или рак на црниот дроб. Учесниците биле следени во просек 13 години.

Во споредба со луѓето кои не пиеле кафе, оние што консумирале пет или повеќе шолји дневно имале 32 отсто помал ризик од цироза, 47 отсто помал ризик од рак на црниот дроб и 42 отсто помал ризик од смрт поради заболување на црниот дроб.

Снимките со магнетна резонанца покажале и помалку маснотии, железо, воспаление и фиброза во црниот дроб кај луѓето што пиеле повеќе кафе. Анализата на крвта открила повисоки нивоа на протеини поврзани со здрава функција на црниот дроб и пониски нивоа на протеини поврзани со воспаление и создавање лузни.

Знаци на поволна поврзаност биле забележани и кај луѓето што пиеле една до две шолји дневно, а најизразени биле при консумација од околу три до четири шолји. Слични резултати биле забележани и кај обичното и кај безкофеинското кафе, што укажува дека можеби не е само кофеинот одговорен за ефектот.

Сепак, студијата е набљудувачка и не докажува дека кафето директно ги спречува цирозата или ракот на црниот дроб. Истражувачите не препорачуваат зголемување на внесот на кафе само поради овие наоди.

За заштита на црниот дроб и понатаму се најважни одржувањето здрава телесна тежина, ограничувањето на алкохолот, редовното вежбање и контролата на шеќерот во крвта, крвниот притисок и холестеролот. Луѓето со одредени срцеви нарушувања, несоница, силна анксиозност или неконтролиран висок крвен притисок треба да се консултираат со лекар пред да го зголемат внесот на кофеин.