Ќе се истражува кратерот од астероидот кој довел до уништување на диносаурусите

Пред околу 66 милиони години, астероид широк 9 километри го погодил мексиканскиот полустров Јукатан и предизвикал серија несреќи кои на крај довеле до исчезнување на диносаурусите. Тоа било пресвртница за нашата планета, но се досега научниците не успеале да извршат анализа на кратерот ниту на закопаните остатоци од астероидот, главно бидејќи регионот е цврсто контролиран од нафтената индустрија.

Тим од истражувачи предводен од Универзитетот Тексас во Остин, конечно добил дозвола да постави платформа над кратерот и за прв пат да започне со ископувања под морското дно и во самиот кратер Чиксулуб. Истражувачите се надеваат дека наодите ќе им помогнат да ја комплетираат сликата за тоа што се случило после ударот од астероидот.

Според досегашните груби сознанија – астероидот Чиксулуб ослободил енергија колку една милијарда бомби како таа од Хирошима, што во истиот момент ги уништило сите растенија и животни во околината. Се проценува дека во следните години исчезнале околу 75 проценти од сите видови на Земјата.

Некои научници сугерираат дека ударот поттикнал каскада од вулкански ерупции низ целиот свет, што ја исполнило атмосферата со отровен гас во следните 500.000 години и била главната причина за уништувањата. Според една друга студија, глвна причина за масовното уништувањето на живиот свет биле остатоците од природните катастрофи што следеле после ударот, како што се земјотресите и цунамите. Примероците што ќе се земат од кратерот ќе бидат најдобрата шанса да се открие што точно се случило.

Иатражувачите ќе поминат девет месеци во бушење, а крајната цел е да стигнат до 1.500 метри под окенското дно до крајниот прстен на кратерот.

Примероците од ископувањата ќе послужат да се добие увид за тоа како се обновил животот после ова масовно уништување. Постои можност исто така овој астероид да донел живот на Земјата, па затоа истражувачите ќе ги испитуваат гените на сите микроорганизми што живеат во карпите, особено оние што имаат уникатен метаболизам.

Предвидено е дупчењата да започнат на 1-ви април.

Поддржете ја нашата работа: