Минатата недела, германската револуционерна машина за нуклеарна фузија успеа да загрее водороден гас до 80 милиони степени Целзиусови, и да одржи облак од водородна плазма за една четвртина од секунда. Ова претставува огромен напредок во децениската борба за контролирање на нуклеарната фузија, бидејќи доколку успееме да произведеме и одржиме водородна плазма во текот на одреден период, ќе можеме да ја искористиме практично неограничената енергија, од која се напојува и нашето Сонце.
Сега, физичари од Кина објавија дека нивната машина за нуклеарна фузија, наречена „Experimental Advanced Superconducting Tokamak“ (EAST), произвела водородна плазма на 49,999 милиони степени Целзиусови и успеала да се одржи на истата температура импресивни 102 секунди.
Додека ова не е ни приближно до најголемата температура која е достигната при еден експеримент (таа чест му припаѓа на Големиот хадронски судирач кој во 2012 година постигна неверојатни 4 трилиони степени Целзиусови – што е 250 илјади пати потопло од центарот на Сонцето), научниците од Кинескиот институт за физички науки во Хефеи успеаа да создадат соларни услови кои траат нешто повеќе од минута.
Одржувањето на овие неверојатно високи температури доволно долго за да се собере енергијата која се произведува при реакцијата е клучно за да се постигне контролирана нуклеарна фузија.
Нуклеарната фисија, која ја постигнуваат нашите сегашни нуклеарни објекти, генерира енергија на тој начин што го дели јадрото на атомот на помали неутрони и јадра. Иако е супер ефикасна, последиците и справувањето со опасните радиоактивни нуспродукти е неверојатно скапо. Токму затоа, фузијата е толку многу посакувана – овозможува генерирање на огромно количество на енергија кога атомите ќе се спојат на неверојатно високи температури, но не произведува радиоактивен отпад или други несакани нуспродукти.
Проблемот е во тоа што за нуклеарната фисија се потребни температури до неколку стотици степени Целзиусови, додека за нуклеарната фузија треба да се создадат услови како на Сонцето, што значи зборуваме за неколку милиони степени.
Тимот кој стои позади германската машина за нуклеарна фузија вели дека идеалната температура би била 100 милиони степени Целзиусови. Тоа значи дека Германците се поблиску до остварување на целта во однос на температурата и треба да поработат само на времето, односно треба подолго време да ја одржат плазмата на висока температура. Тие велат дека би можеле да достигнат 30 минути и во моментов работат на тоа.
Од друга страна, Кинезите треба да поработат на температурата, со оглед на тоа дека нивното време е подобро, но сепак тие велат дека целат кон тоа да постигнат 100 милиони степени и да ја одржат плазмата повеќе од 1.000 секунди, или 17 минути.
Но, мора да нагласиме дека резултатите од Кинезите се врз основа на изјави од страна на институтот, па се’ додека не ги видиме на хартија, мора да останеме скептични.
Доколку се биде во ред, ќе имаме вистинска борба на кинеска и германска машина. Иако најверојатно сме децении далеку од вистинско користење на нуклеарна фузија за генерирање на енергија, а со тоа и решавање на енергетскиот проблем на човештвото, научниците постигнуваат неверојатен напредок и интересно е да има малку „здрава конкуренција“.