Колку често треба да се пере бањарката?

Не е пријатно да се чуе, но се чини дека нашите пешкири и бањарки се многу нечисти. Штом ќе се употреби, пешкирот претставува плодна почва за развој на бактерии и габи. Тука се и мртвите клетки од кожата, плунка, анални и уринарни секрети, како и  многубројните микроби кои се наоѓаат во бањата и можат да се налепат на пешкирот, меѓу кои и оние од капките од тоалетната школка.

Иако е мала веројатноста овие микроорганизми да ви наштетат, со оглед на тоа дека најголемиот дел од нив потекнуваат од вашето тело, сепак тие се присутни и се размножуваат многу брзо.

Па колку пати може да се употреби пешкирот, пред концетрацијата на микроорганизмите толку да се зголеми за да мора да се испере? Според Филип Тиерно, микробиолог и патолог од Универзитетот во Њујорк, пешкирот може да се употреби најмногу три пат пред да се испере. И тоа под услов секогаш да биде потполно сув пред употреба.

Пешкирите се идеална средина за размножување на микроорганизмите затоа што им ги обезбедуваат сите услови за живот: влага, топлина, храна, кислород и неутрална pH. Човековото тело ги обезбедува овие идеални услови за живот, па затоа содржи многу микроорганизми и однадвор и одвнатре. Кога ќе се избрише влагата од телото, микроорганизмите и изумрените клетки од површината на кожата се пренесуваат на пешкирот. Изумрените клетки и други наслаги од воздухот служат како храна за микробите, а влагата ги обезбедува водата и неутралната pH.

„Тешко е да се каже дали овие микроби ќе ви наштетат, бидејќи повеќето микроби во нашите домови не се опасни“ – вели Тиерно. „Но, ако го делите пешкирот со некој друг, можно е да дојдете во контакт со микроби со кои вашето тело не може да се справи како на пример со „Staphylococcus aureus“ што може да доведе до инфекции“.

„Важно е да бидеме претпазливи и свесни дека пешкирите се многу нечисти и дека не ги переме доволно често“ – истакнува Тиерно.

Текстот е преземен од „Business Insider“.

Поддржете ја нашата работа: