Постелнината претставува жариште за микроскопскиот живот. Содржи спори од габи, бактерии, клетки од кожата на животните, полен, почва, делови и боја од материјалот од кој е изработена постелата, секаков вид на измет од телото вклучувајќи пот, плунка, вагинални и анални екскрети, урина, клетки од кожата. Покрај тоа, луѓето користат најразновидна козметика, односно нанесуваат масла и креми на своето тело, па и тоа се наоѓа во таа средина, вели Филип Тиерно, микробиолог и патолог на Факултетот за медицина при Универзитетот во Њујорк.
Има уште многу други работи, вклучувајќи и храна, со оглед на тоа што многу луѓе јадат во кревет, а сето тоа овозможува пријатна средина за овие организми.
Мислите дека ова не се однесува на вас, затоа што сте релативно чисти? Размислете повторно!
Луѓето природно произведуваат 98,4 литри пот во својот кревет секоја година. Оваа влага е идеална за размножување на габите. Едно истражување од 2015 година открива дека перниците од пердуви или синтетика кои се стари од 1,5 до 20 години, може да содржат помеѓу 4 и 17 различни видови на габи.
Количеството на габи, бактерии и друг вид на остатоци кои се акумулираат во постелата со текот на годините е драматичен. А вие тоа го вдишувате 8 часа на ден.
Со оглед на тоа дека еден на секои шест лица има алергии, а еден просечен човек поминува околу една третина од животот во кревет, многу научници шпекулирааат дека токму креветот е изворот на алергиите, вели Тиерно.
„А не ја ни споменав прашината! Грините се присутни во постелата и нивните остатоци се алергени. Дури и да немате алергија, реагирате на нив. Може да се разбудите со затнат нос, да ви предизвикаат алергија или да ви ја засилат веќепостоечката и да ја влошат астмата“, истакнува Тиерно.
Затоа многу е важно да ја одржувате вашата постела чиста, за да не го изложувате телото на овие организми. Па колку често треба да ја перете?
Овие организми обично се акумулираат во позначајни количини помеѓу една и две недели, што значи дека треба да ја перете еднаш неделно. Ова се разбира дека се само препораки и неколку дена повеќе или помалку не прават голема разлика.